Силна поддршка од САД Македонија наскоро да стане 30-та членка на НАТО доби министерот за надворешни работи Никола Димитров синоќа за време на неговата официјална средба во Вашингтон со државниот секретар Мајк Помпео.
„Ова е одличен ден за македонската дипломатија. Само што имав многу охрабрувачки состанок со државниот секретар Помпео. Моментот е многу важен. Како што сите знаеме ние сме фокусирани на нашата домашна задача. Треба да имаме референдум и да најдеме луѓе кои ќе застанат зад Договорот за името со Грција, а кој ги отклучува вратите за иднината. Сакаме да влеземе во НАТО и тука поддршката од нашите американски партнери е особено важна“, изјави Димитров по средбата со неговиот американски колега Помпео.
Тој додаде дека денеска се враќа во Македонија многу охрабрен и оти со македонскиот народ ќе ги споедели пораките кои вчера ги добил во Вашингтон.
Шефот на македонската дипломатија во Вашингтон оствари средба и со Вес Мичел, помошникот државен секретар за Европа и Евроазија, кој му упати честитки за постигнатиот Договор од Преспа и посака успешен референдум.
„Сакам да му честитам на министерот Димитров за историскиот договор што Македонија и Грција го постигнаа во Преспа и знам дека министерот Димитров одигра лична улога во тоа како архитект на овој Договор. САД силно го поддржуваат Договорот од Преспа. Ја цениме улогата која министерот Димитров ја има и очекуваме успешен референдум на 30 септември. Секретарот Помпео денес многу силно го поддржа овој напор и јасно му кажа на министерот Димитров дека САД очекуваат Македонија да стане 30-та членка на НАТО“, рече Мичел.
За време на работната посета на САД министерот Димитров имаше бројни средби во американскиот Сенат, како и со повеќе експерти, професори и истражувачи од невладината заедница во Вашингтон.
МИА/Фото: Влада