еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Директорот на „Скопје Север“ не гледа ништо спорно што топланата го користи загадувачот мазут

Град Скопје изрече забрана на топланата „Скопје Север“ да користи мазут, бидејќи оваа постројка за тоа ниту поднела барање, ниту, пак, одобрување за тоа добила од секторот за животна средина.

Оттаму истакнуваат дека во никој случај не би дале дозвола за работа на мазут, којшто спаѓа во најголемите загадувачки енергенси. Клучно објаснување е дека примарното гориво за топланите, односно природниот гас, пристигнува редовно во земјата, односно нема пречки во снабдувањето, што значи дека и „Скопје Север“, како и топланите „Исток“ и „Запад“ се обврзани да користат гас.

Директорот на „Скопје Север“, од друга страна, не гледа ништо спорно во тоа што топланата одреден период се префрлила на мазут.

– Секако дека природниот гас е доста поприфатлив за околината, но кога гледаме секој ден со дивите депонии колку се загадува, ова загадување е минорно, истакна првиот човек на „Скопје Север“.

Топланата веќе потврди дека ниту се прави мониторинг на воздухот, а квалитетот на мазутот не им е познат. Сега се поставува прашањето дали надлежните институции ќе изречат соодветни казни за „Скопје Север“, бидејќи со своеволното префрлање на мазут значително ги зголемиле опасностите по животната средина и здравјето на граѓаните.

Особено што, во интегрираната еколошка дозвола стои дека оваа топлана мора да се придржува до повеќе точки, меѓу кои се и двете што подразбираат редовно мерење на загаденоста и проверки на квалитетот на горивото доколку се користи мазут.

„Скопје Север“ како дел од нејзината интегрирана еколошка дозвола може да користи мазут како алтернативно гориво, но само под одредени услови и во краток временски период. Дали тоа навистина се почитува, се сомневаат и дел од еколошките активисти.

– Државниот пазарен инспекторат со државната мобилна лабораторија да го провери квалитетот на мазутот. Потребно е да се направат сите можни чекори за да се избегне користење на мазутот, едно од најнечистите горива кое во комбинација со лоши процеси на согорување е еден од најопасните извори на аерозагадувањето, објавија од „О2 иницијатива“ на својата официјална Фејсбук-страница.

Грејната сезона е во полн ек, но начините на кои што ќе се произведува топлина за скопјани се далеку од јасни и во полза на здравјето на граѓаните. По објавата дека топланите „Исток„ и „Запад„ ќе се тестираат како би функционирале на дизел, осамна информацијата дека топланата „Скопје Север„ веќе работи на гас, но и на мазут, што како погонско гориво е еден од најголемите загадувачи на воздухот.

– Иако веќе втора зима по ред се соочуваме со енергетска криза, одлуките што се носат за нејзино надминување мора да бидат транспаренти и да носат придобивки на долг рок за да не се повтори кризата и наредната година. Заштитата на јавното здравје и животната средина исто така секогаш треба да бидат приоритет во носењето на ваквите одлуки, истакнаа од организацијата „Еко-свест“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Скопје Север“ доби забрана да работи на мазут, директорот Рамадани ќе го обжали решението

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Еколошка едукација на децата преку „Хокус покус, рециклирањето е во фокус“: „Пакомак“ добитник на наградата „Energy Globe Award“

Редакција

Алкалоид со дополнително вложување во Словенија

Редакција

(Видео) Феноменален дочек на хероите кои со Рено 4 од Стојаково отпатуваа до Ница

Редакција