Редакцијата на Дојче веле на македонски јазик, објави дека Никола Груевски, поранешниот премиер, кој избега во Унгарија, каде доби азил, регистрирал фирма со широка деловна активност, таму.
Фирмата е регистрирана на 14 јули, на адреса на куќа во малото гратче Пецел, кое се наоѓа на околу 20 километри од Будимпешта.
Станува збор за Друштвото со ограничена одговорност И.Ц.И.Ц (I.C.I.C.).
Според документите објавени во унгарскиот Централен регистер на фирми, лицето Никола Груевски, роден на 31 август 1970 година од мајка Надежда Мијалкова, побарал и добил одобрение да почне бизнис со фирма чие седиште е во Пецел.
Од увидот во документите до кои дошле од Дојче веле, може да се прочита дека Друштвото со ограничена одговорност на Груевски планира широки бизнис активности во најмалку 10 различни сектори.
“Согласно унгарските закони за секоја бизнис активност компаниите добиваат посебен даночен број, а Груевски очигледно не сакал да биде ограничен во однос на трговијата, па ги регистрирал речиси сите кои му стоеле на располагање.
Па така, фирмата на експремиерот ќе може да врши трговија на големо со порцелан и стакларија, како и со средства за чистење; трговија на големо со храна, пијалоци и тутун; како и со други разновидни стоки.
Експремиерот планира да биде активен и во сферата на управување со имоти (холдинг), во бизнис менаџмент, а ќе има можност да си ја проба среќата и во комуникациите со јавност, рекламирањето, во истражувања на пазари и испитување на јавно мислење, како и во организација на конференции и трговски изложби.
Регистрацијата на фирмата со сите овие трговски можности го чинела Груевски точно три милиони унгарски форинти или 8.350 евра“, пишува Дојче веле.
Целата сторија на Дојче веле, ОВДЕ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Груевски/Фејсбук