Во периодот од 01.01-31.03.2021 година Комерцијална банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 360,2 милиони денари (5,8 милиони евра) наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 217,5 милиони денари што претставува зголемување за 65,6%, соопшти банката преку Македонската берза.
„Планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 73,1%. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на банката да ги покрива расходите од работењето, е за 8,2% поголема во однос на истиот период минатата година.
Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемувањето на нето-приходите од провизии, зголемување на приходите од нето тргувања и повисоките останати приходи од дејноста, во чии рамки се зголемени капиталните добивки од продажба на преземен имот.
Позитивниот резултат од работењето банката го оствари во услови на пролонгирана здравствена и економска криза како резултат на пандемијата со Ковид-19, поради што од страна на Владата е донесена Одлука за продолжување на рокот на постоење кризна состојба во државата до 30.06.2021 година“, соопшти банката.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Продаден блок акции од Комерцијална банка за 273.000 евра