еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Ќе биде ли доволен двегодишниот период даден од УНЕСКО, конечно да се сруши хотелот-дивоградба во Лагадин

Дивиот хотел во Лагадин, се уште стои и го грди просторот на крајбрежјето на Охридското Езеро.

Хотелот, со неговата грамадност го има затворено погледот кон езерото и е вистински проблем за околните куќи.

Проблемот со оваа дивоградба се одолговлекува веќе неколку години, и останува прашањето дали во рамките на продолжениот рок што УНЕСКО го даде, за средување на Охридскиот регион за да не влезе на Листата на светско наследство во опасност, ќе биде доволен за хотелот да се отстрани.

Премиерот, ресорните министри, градоначалникот на Охрид се заложија дека во следниот период ќе направат се за отстранување на дивоградбите од крајбрежјето, па еве можност да се докажат со рушење на хотелот-дивоградба.

„еМагазин“ пред неколку дена испрати прашање до Општина Охрид дали и кога ќе се руши оваа дивоградба, но од таму, се уште не добивме одговор.

Прашањето врзано за овој хотел е влезен во институционален вртлог и „замрсеност“, што е причина се уште да стои високо исправен на Охридското крајбрежје.

Проблемот се одолговлекува од 2017 и од „авион се гледа“ дека е дивоградба

Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам уште во 2017 година утврди дека градењето на нелегалниот хотел во Лагадин мора да сопре.

Уште пред пет години, активистите на граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ и сопствениците на куќи и викендички во Лагадин укажаа дека оваа градба прекршува вкупно 12 закони, 1 подзаконски акт и не е во согласност со Уставот.

Додека траеше нивната битка со институциите, инвеститорот изгради четири ката од објектот, а престана со градење дури откако му беше поништено одобрението за градење, но објектот се градеше, иако нема одобрение за градба.

Градбата се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот на езерото во кои не се дозволени објекти од цврста градба.

Загриженоста на граѓанските организации е оправдана

По одлуката на Комиетот на УНЕСКО, Охрид да не биде ставен на Листата на светско наследство во опасност, граѓанските активисти изразија разочарување.

Од Фронт21/42 велат дека се загрижени за иднината на единственото Светско природно и културно наследство во нашата земја, по усвојувањето на одлуката на Комитетот за светско наследство да не го впише Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност.

„Втор пат по ред Комитетот одлучи да ја отфрли експертската проценка на научниците, базирана на
нивната посета на терен, овој пат алармирачка проценка дека не само што заканите идентификувани во 2017 година се се уште присутни, туку во 2020 година се додадени и нови закани на веќе ранливата состојба.

Одлуката од 2019 година ги охрабри македонските власти да продолжат со урбанизација на наследството; да предложат закони кои носат поволности за дивоградбите, маскирани со отстранувања на неколку привремени конструкции; да усвојуваат формални одлуки кои навидум ги
спроведуваат препораките, но во реалноста овозможуваат продолжување на уништувањето; да не
ги спроведат активностите од Планот за управување кои се клучни за воспоставување на ефективна
правна заштита; итн.

Ваквите постапки не престанаа дури ни по застрашувачкото предупредување на Реактивната = Мониторинг Мисија од 2020 година дека „тековните и планираните модификации и развој забрзано ја водат веќе ранливата состојба кон точка по која нема враќање“.

Стравуваме дека оваа точка на неповрат ќе биде достигната многу набрзо, благодарение на новото
охрабрување кое го носи повторената Одлука на Комитетот во 2021 година да не го впише Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност,“ велат од таму.

Од Фронт 21/42 изјавата на премиерот Зоран Заев дека Охрид треба и ќе се развива и понатаму, дадена додека се разгледуваше можноста Охридскиот Регион да биде прогласен за наследство во опасност, е застрашувачка (поаѓајќи од досегашното искуство дека под „развој“ се подразбира градење и урбанизација).

За Охридскиот Регион секаква понатамошна урбанизација не е развој, туку назадување и дополнителна деградација на алармантно лошата состојба.Она што е неопходно е развој на свеста, особено свеста на носителите на одлуки и на локално и на централно ниво,“ велат од Фронт 21/42.

Од Охрид СОС исто така реагираа на Одлуката на Комитетот, која според нив не изненадила.

„Комитетот, составен од политички номинирани претставници, покажа исклучителна непрофесионалност скриена зад маската на куртоазната дипломатичност, па своеволно ги менуваше одлуките на експертските тела на УНЕСКО до степен што сериозните предупредувања за критична загрозеност на исклучителните примероци на природно и културно наследство, произволно се преиначуваа во банални фрази на пофалба и охрабрување за државите.

Делегациите повеќе наликуваа на навивачка клупа наместо на кредибилно тело. За Охридско Езеро, старите градски јадра, културното наследство, природата на регионот, не треба да се преземаат никакви посебни мерки иако Центарот за светско наследство утврди дека тие што се презеле се недоволни, а поголемиот дел ниту се презеле, а доколку бидат – потребни се значителни здружени напори во текот на долг временски период.

Грижата, и целиот товар на исполнување на обврските кон УНЕСКО кои беа многу јасни уште од 2017 година, се исклучиво на македонските власти и македонските институции. Ова владејачко мнозинство имаше и време и имаше можност досега (ако сакаше) да направи комплетен пресврт во управувањето со Регионот. Ама парите и моќта беа послатки,“ реагираа од Охрид СОС.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Како е можно летало од 6. тони да помине повеќе од 1 час над членка на НАТО, а никој да не го забележи, прашува хрватскиот претседател

Редакција

Србија му укажа голема чест: Венко Андоновски е автор на „Големиот школски час“, манифестација посветена на стреланите 3.500 работници и ученици во Крагуевац

Редакција

Унгарскиот министер Сијарто од Скопје: Екстрадицијата на Груевски е правно, а не политичко прашање

Редакција