Лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА, ДПА, Алијанса и Алтернатива денеска во 13 часот, како што најавија од Владата ќе имаат координација со премиерот Оливер Спасовски во врска со реализација на владините мерки за справување со коронавирусот.
Лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА, ДПА, Алијанса на Албанците и Алтернатива, Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети, Билал Касами, Мендух Тачи, Зијадин Села и Африм Гаши го потврдиле присуството на состанокот, а тие со нив ќе понесат уште еден партиски претставник.
Политичките партии до денеска на 12 на полноќ треба да ги достават изборните листи за шестте изборни единици за претстојните предвремени парламентарни избори, кои треба да се одржат на 12 април, согласно роковникот, кој го објави Државната изборна комисија (ДИК) за активностите во пресрет на изборите.
Од Владата на брифинг со медиумите завчера порачаа дека во врска со состојбата со коронавирусот не треба да профитира политички.
– Врв на неодговорност е да разговарате со министер за здравство и за еден час да му поднесувате кривична пријава дека го загрозува здравјето на луѓето е политика што сакаат да ја пласираат. Во овие услови на ваква криза секој оној кој ќе калкулира за политика, за политички поени, за сензационализам и за што било на грбот на граѓаните и нивното здравје, некој да гради своја среќа на туѓа несреќа е осудено на пропаст, истакнуваат од Владата.
За лидерската завчера потврди и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Лидерска средба за состојбата со коронавирусот ќе се одржи в четврток во 13 часот, информира завчерва лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицксоки, по седницата на Централниот комитет на која беа објавени кандидатите за пратеници и носителите на листите за претстојните предвремени парламентарни избори.
Тој рече дека на средбата ќе биде придружуван со некој од сопартијците кои се одговорни за ресорот здравство.
Министерот за здравство, Венко Филипче вчера на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање, нагласи дека не може да се каже дали ќе се одржат изборите. Согласно роковите изборната кампања треба да почне на 23 март.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев не гледа причина за одложување на изборите. Според него тоа е целта и не е добро да се одложат изборите, туку тие треба да се одржат, а можеби само кампањата треба да биде поинаква.
– Јас лично не гледам на ниту еден начин, ниту која било причина за изборите да се одложуваат. Тоа е целта која сакаме да ја постигнеме и не е добро да се одложат изборите, тие треба да се одржат. Сите државни ресурси се подготвени, екипирани и парламентот е распуштен, веќе е подготвено се она што е претходна постапка и е завршено.
Сега можеби корона вирусот ќе не стави во позиција на некаков вид поинаква кампања, секако електронските медиуми се на располагање, интернет можностите се на располагање, видео стримови и така натаму, можеме да ги поставиме и верувам дека ќе допреме до граѓаните, изјави вчера Заев.
Важно е, според него, граѓаните да знаат за што ќе гласаат, да знаат што ќе бираат и како да изберат.
– Важно е да ги промовираме сите наши поединци и пратеници, програми, визии и детали околу целата работа за да може да излезат, затоа што важно е граѓаните да излезат. Успешноста на изборите не е исто дали ќе биде со 45 отсто или со 75 отсто, рече Заев.
Целта на повикот од премиерот Спасовски, како што кажа Заев, е препораката од Министерството за здравство, лидерите на поголемите политички партии да разговараат околу моделите на водење на кампањата.
– Веројатно да ни укаже на нас лидерите, а да пренесеме и на коалициските партнери каков вид кампања е дозволива и што е препорачливо како да се придржуваме до сите задолженија, како и оние препораки што се од страна на државните институции за да можеме да го исполниме тоа што граѓаните од нас го очекуваат, да ги промовираме нашите програми, нашите кандидати, визии и слично, а притоа да се испочитуваат сите задолженија и препораки од државните институции, тоа е целта, посочи Заев.
МИА