еМагазин
Image default
Македонија

Еден позитивен пратеник на Ковид-19, еден чека резултати од тест, Собранието блокирано

Еден пратеник од владејачкото мнозинство е позитивен на коронавирусот, а уште еден е тестиран и за него се чекаат резултати.

Ова, како што појасни координаторот на СДСМ, Јован Митрески на почетокот на 30-тата седницата за која се уште не е утврден дневниот ред, е причината поради која во Собранието не може да се обезбеди кворум од 61 пратеник за работа.

Тој ја обвини опозицијата дека со денешното неприсуство на седницата покажува недржавничко однесување, особено, како што рече, што на оваа седница, меѓу другите, се измени на Законот за лекови, поврзани со вакцинацијата против Ковид-19.

-Опозицијата има други интереси, теснопартиски и лични, за да се прикаже државата во лошо светло, поради што трпат институциите и државата, рече Митрески додавајќи дека од овие причини опозицијата го блокирала донесувањето на Деловникот за онлајн седници со цел, како што рече, да може да ја кочи работата на Собранието.

На ова реагираше координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој истакна дека неприсуството на опозицијата на седницата е резултат на, како што рече, недемократското однесување на мнозинството во Парламентот.

-Опозицијата е цело време во Собранието и ќе ви дишеме цело време во врат се додека се обидувате на ваков начин да ја преставите демократијата во Република Македонија.

За жал имаме позитивен колега и колега кој очекува резултати на кои им посакувам добро здравје и побрзо враќање во пратеничките клупи, но она што го зборуваме од почетокот се покажува на дело, затоа што со 62 пратеника се однесувате како да имате 100, рече Мицевски.

Ако целокупната македонска опозиција која брои 58 пратеници и има повеќе гласови од мнозинството не е во салата, рече Мицевски, треба да се прашате зошто е тоа така.

Се додека не го смените начинот и односот со опозицијата, се додека законските решенија не се ставаат на матичните комисии каде треба и се додека избегнувате демократска дебата, нагласи Мицевски, ќе наидувате на отпор согласно алатките што ни стојат на располагање.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери по дискусиите на Мицевски и Митрески ја прекина седницата со образложение дека нема деловнички можности за работа.

Во врска со отсуството на опозицијата Џафери рече дека тоа што пратениците одбиваат да влезат на седница, иако се потпишани, е нивно легитимно право.

За тоа, рече Џафери, формално не се одговорни пред мене, туку одговараат пред вас граѓаните. Последната одлука за тоа, потенцира претседателот на Собранието, ќе ја имате вие.

Продолжението на седницата ќе биде дополнително закажано кога ќе се создадат услови за кворум.

На оваа седница меѓудругите е и точката за интерпелација за работата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, предложена од опозицијата.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Жестока дебата на седницата за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието

Редакција

Поднесена првата независна кандидатура за градоначалник на Македонска Каменица

Редакција

(Графикон) 74 случаи од заболените со коронавирусот во Македонија се импортирани

Редакција