еМагазин
Image default
CHECK IN ТОП СТОРИИ

(Ексклузивни фотографии) еМагазин на Хидра: Зошто култниот Леонард Коен купи куќа на овој грчки остров

Жителите на грчкиот остров Хидра вечно ќе му бидат благодарни на култниот музичар, поет, романсиер, кант-автор и уметник Леонард Коен.

Токму тој во шеесетите години од минатиот век на светот му го откри оваа прекрасно место, кое зрачи со енергија која не може да се опише, туку само може да се доживее од прва рака.

Во септември 1960 година, неколку дена отколку Коен, родум од Вестмаунт, Монтреал, Канада, наполнил 26 години купил куќа на Хидра, за 1.500 долари, благодарение на наследството што го добил од неговата баба.

Денес за тие пари овде не можете да купите ниту тула од куќа :).

Во тоа време ретко кој знаел за Хидра, а светот допрва ќе слушне за големиот Коен.

Куќата била стара околу 200 години, без струја и вода. Има пет соби на неколку нивоа.

Во писмо до неговата мајка од времето кога ја купил куќата, Коен пишува дека има голема тераса со драматичен поглед на околните ридови и светкавите бели куќи.

„Собите се големи и пријатни со големи прозорци… Ќе работам секоја година на неа… Живеам на рид, каде животот е ист како и пред стотици години… Станувам во седум наутро и работам до пладне…“, пишува Коен во писмото, кој како што раскажуваат мештаните за еМагазин, остатокот од времето го поминувал со уметници и музика по околните кафулиња, таверни, плажите…, а токму овде на Хидра, го има и својот прв јавен настап.

При една од неговите последни посети на Хидра во 1988 година, Би-Би-Си направи ексклузивна прошетка со Коен по островот и неговата куќа.

Денеска куќата е затворена за јавноста, а по неговата смрт во 2016 година, ја наследија неговите деца, кои доаѓаат на Хидра речиси секоја година.

На Хидра нема имиња на улици и броеви. Но без грижа! Куќата ќе ја најдете со помош на локалците.

“He came so far for beauty”

Онаа што восихитува посебно е што Коен, како што раскажуваат жителите на Хидра за еМагазин, целосно се претопил во грчкиот начин на живот, иако не не го знаел јазикот и обичаите на локалците.

А кој и не би се вклопил на Хидра :).

Токму овде на овој романтичен остров, каде се забранети секаков вид на моторни возила, а Господ „забегал“ кога ја „цртал“ природата ќе ја запознае и големата љубов на неговиот живот Мериен (на која и е посветена песната “So Long, Marianne”), па собрано се во едно, ќе роди многу поезија, убава музика…

Локалците не го заборавиле Коен. На рачката од вратата од неговата куќа секогаш има свежо цвеќе, а на прекрасна локација на шеталиштето околу портата Хидра има клупа со посвета за него.

“He came so far for beauty” (Дојде од толку далеку за убавина), пишува на посветата.

А кој и не би сакал да дојде овде…

ПРОДОЛЖУВА…

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Мега-галерија) еМагазин на Хидра: Идеален остров за романтика, а богами и за слабеење

(Галерија) еМагазин на Хидра: Единствениот грчки остров каде се забранети коли, а Бог да чува и мотори

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Семејствата на дипломатите и 12 македонски државјани се вратиле од Украина

Редакција

Осум дена притвор за сопственикот на порталот „Доказ“

Редакција

Уапсен легендарниот Мишел Платини

Редакција