еМагазин
Image default
Интервју

Ѓеоргиева: Ветерината за мене е најблагородната професија на светот

Надица Ѓеоргиева е вработена како ветеринар во Ветеринарна Клиника „Здравје“ во село Облешево, Кочани и истовреме е студент на Long Distance Learning програма (PG Cert)  при Универзитетот Единбург, Шкотска, во областа на Анестезија и Аналгезија.

Со неа разговаравме за работата и предизвикот кој го има секојдневно да патува надвор од градот и дека работно време во нејзината област не постои, како и љубовта кон животните која ја натерало да дипломира на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, за сега да е на постдипломски студии.

Kој е предизвикот на работата како ветеринар?

– Вработена сум како ветеринар, во клиника, која се наоѓа на 10 километри од  Кочани, за која можам да кажам дека е пионер во областа на ветерината во Источниот регион на државата, а посебно сум горда на делот кој што јас го работам, а е поврзан со анестезијата и аналгезијата кај животните, бидејќи сме втората клиника во Македонија, после Универзитетската клиника, која хируршките процедури ги изведува со користење на инхалациона анестезија.

Иако мојот интерес е поврзан со ова, сепак, како ветеринар секојдневно заедно со мојот колега се соочуваме со многу предизвици во ветеринарната медицина.

Каков е еден ваш работен ден?

– Работниот ден кај нас може да биде од екстра лесен до супер тежок, каде што целодневно можете да работите едноставно вакцинации и превентива, до итни ситуации, како царски резови или специфични ситуации кои бараат итна реакција од страна на доктор по ветеринарна медицина.

Во многу наврати се има случено да завршам во клиниката во средината на ноќта, и многу често сум била во ситуација да се прашувам како имам возено 10 километри од дома до работа, без да се сеќавам на истото.

Често се случува да имаме хоспитализирано пациенти, па така, неколку часа по завршувањето на работата, повторно се враќаме назад. Инаку, официјално имам работно време, меѓутоа неофицијално- тоа не постои.

Кој беше предизвикот да се запишете на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје?

– Не знам, претпоставувам дека ако ги прашате повеќето колеги денес зошто ја избрале оваа професија, би ви рекле бидејќи ги сакаат животните. Јас ги сакам животните, но повеќе сакам медицината, но не можев да се пронајдам себе си во работата со луѓе, па така ги споив и двете и ја најдов златната средина- ветерина. Морам да напоменам, уште на стартот, мора да расчистите помеѓу сакањето на животни и сакањето на професијата.

Во оваа струка нема да бидете успешни ако само ги сакате животните бидејќи тоа не е доволно, затоа што понекогаш одлуките кои ќе морате да ги донесете ќе бидат тешки, но се за доброто на вашиот пациент, а тоа е животното.

Имајте на ум, според мене, ја имате најблагородната професија на светот, на рамниште со хуманата медицина, затоа што вие можете да донесете одлука, да го прекинете страдањето и болката на вашиот пациент.

Ќе повторам, тоа е животното, а не неговиот сопственик. Ете, можеби и таквото размислување, таа желба да се помогне на оној кој не може да ви каже со зборови каде боли, ме натера да го продолжам своето образование во оваа насока, а од таму и желбата за дополнителна едукација. И воопшто не сметам дека погрешив.

Што паметите вие од студентските денови?

– Долгите часови на факултетот, каде многу често со колегите знаевме да се шегуваме дека поминуваме по 8 часа, но плата не добиваме. Секако тука се колегите и луѓето кои ги имам сретнато, контактите кои ги имам остварено, понатаму, одредени професори кои оставиле впечаток на мене и кои ми се и ден денес ментори и со кои и ден денес сум во постојана комуникација, како на професионално ниво, така и на приватно.

Имаме можност да соработуваме доста често, па така во јануари годинава, студентите од 5-та година ни беа гости, заедно со нивните професори, проф. Пламен Тројачанец и доцент Ксенија Илиевска.

Она што дефинитивно нема да го заборавам е можноста да поминам една година на факултетот за ветеринарна медицина во Љубљана во Словенија преку Еразмус програмата за размена на студенти каде што можев да искусам поинаков начин на студирање и работење.

Понатаму, теренските вежби, каде што комуникацијата со асистентите и професорите беше на многу поразлично ниво од онаа класичната во училница. И многу други на кои во моментов не можам да се сетам. Студентски денови, не може да бидат лоши, напротив, одлични.

Која ќе биде пораката од ваша страна до идните академски граѓани?

– Мојата порака за идните доктори по ветеринарна медицина би била: бидете подготвени да потрошите многу време, многу нерви, многу непроспиени ноќи додека подготвувате испит и неколку летни распусти поминати во учење. Ова не е еден од оние факултети во кои со малку труд ќе добиете знаење.

Верувајте, во моментот кога ќе ја добиете дипломата, сето тоа ќе го заборавите. Со дипломата добивате и можности да се пронајдете себеси во големиот дијапазон на можности кој го нуди професијата.

Не секој ќе работи како доктор по ветеринарна медицина, некој од вас ќе работи и во инспекторскиот сектор, а некој од вас ќе работи и во некој производствен капацитет којшто е менаџиран од оваа професија.

Во мојот случај, добив шанса да поминам еден ден во познатата специјалистичка болница Fitzpatrick Referrals во Англија, а минатиот септември поминав неколку недели во уште еден специјалистички центар – Hamilton Specialist Referrals, исто така во Англија, работејќи и учејќи во областа на анестезијата и аналгезија, заедно со еден од најпознатите ветеринарни анестезиолози, Christopher J Seymour MA VetMB DVA DipECVAA PgCert(MedEd) FHEA MRCVS.

Бидете упорни, затоа што најлесно е да се откажете. За крај, една мисла од големиот Ајнштајн: човек треба да биде она што е, а не она што сака да биде.

ПРОМОТИВНА ОБЈАВА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Хан за МИА: Добив уверување од Мицкоски дека нема да има бојкот на изборите

Редакција

Вељановска-Кириџиевска: Креативниот набој и контактот со себе, инспирација за продуктивност во приватниот и во професионалниот живот  

Редакција

Азески: Македонската држава ќе опстои не затоа што прави што треба, туку затоа што меѓународните околности се такви

Редакција