Голем број реакции на социјалните мрежи предизвика снимката објавена на Фејсбук профилот на претседателот на Одборот на директори на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, Џеват Исени на која може да се види дека на свадбена веселба тој игра со пиштол во појасот.
Иако набргу по објавата на снимката во медиумите тој соопшти дека станува збор за гасен пиштол за сигнализирање за кој поседува уредна дозвола, тоа не ја намалува неговата одговорност за овој случај, бидејќи како функционер во државна компанија дава лош пример за граѓаните.
Уште почудно е што Исени не го избриша постираното видео по реакциите во јавноста. Поради тоа, се чини дека тој воопшто не е свесен дека носењето пиштол во појас и пукањето на свадба е практика која мора да се искорени, а не да се поттикнува.
Станува збор за лош обичај на овие простори кој продолжува да живее и покрај тоа што досега безброј пати имало повредени лица и оштетен имот од вакви свадбени пукотници.
На тоа вчера предупреди и Секторот за внатрешни работи Тетово од каде апелираа до граѓаните да не употребуваат огнено оружје на семејните веселби и свадби.
МВР потсети дека пукањето со огнено оружје е спротивно на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир и оти глобата за ваков вид на прекршок се движи од 200 до 500 евра во денарска противвредност.
Оттаму укажаа дека во зависност од последиците, пукањето може да се смета и како кривично дело „предизвикување општа опасност“ за кое е предвидена затворска казна од една до пет години, се потенцира во апелот.
Сега останува отворено прашањето дали МВР врз база на објавените снимки ќе го испита случајот со Исени или целата работа ќе се забошоти.
Posted by Elmedin Ismaili on Четврток, 04 јули 2019
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
СВР Тетово апелира да не се користи оружје на свадбите
Фото/Видеo:Howstuffworks/Фејсбук/Елмедин Исмаили