Истражувањата покажуваат дека компаниите со еднаква застапеност на полот вредат повеќе и се поиновативни, остваруваат подобри резултати, носат подобри одлуки, истакна Нина Ангеловска, претседателка на Алијансата за родова еднаквост – ГЕА на третата сесија за вмрежување: „Дигитална иднина, еднакви права“ организирана од ГЕА и А1 Македонија како еден од партнерите на ГЕА.
Извршниот директор на А1 Македонија, Методија Мирчев изјави дека А1 Македонија работи на активна промоција на своите колешки во рамките на компанијата.
„Ставаме на располагање обуки за усовршување и развој на дигитални вештини, а преку можноста за флексибилно работно време овозможуваме баланс на професионалниот и личен живот,“ рече Мирчев.
Преку својата работа Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА се залага за инклузивна работна средина и еднаквост во можностите преку искористување на потенцијалот на дигитализацијата и е-трговијата.
Главниот фокус на ГЕА е намалување на родовиот јаз на работното место, преку мотивирање на компаниите активно да учествуваат во промените и да креираат инклузивни интерни политики за работа и практики со кои се рушат стереотипите поврзани со жените и девојките.
Темата на овoj настан, како што нагласија организаторите, го следи забрзаното темпо на дигиталната трансформација и ја нагласува важноста на користењето на дигиталните технологии преку кои се дава огромен придонес кон затварањето на јазот во професионалните можности помеѓу мажите и жените.
Фото: ГЕА