еМагазин
Image default
CHECK IN

(Фото) еМагазин во Токио: Зошто рисот не би бил наша верзија на Кити или Манеки Неко

Многумина од Вас сигурно слушнале за брзите возови во Јапонија или за тоа колку Јапонците се по редот, точноста или правилата. Бидејќи овие работи се воглавно познати, еМагазин директно од Токио преку серијал ќе се обиде да Ви пренесе и други интересни и невообичаени работи за кај нас.

Хело Кити Ви мавта од секаде

Токио и воопшто Јапонија се идеални места да се научи како од било што може да се направи светски познат бренд. Со години Македонија се труди да биде препознатлива низ светот по нешто, но тешко и успева.

А кој во Македонија не слушнал за Хело Кити? Слаткото маче е препознатливо низ целиот свет, а истата слава може да ја постигне и Манеки Неко, кој пред се на широката европската јавност и стана познат благодарение на победничката на Евровизија, Нета од Израел. Мачката за која велат дека носи среќа беше дел од нејзиниот сценски настап и видео спот.

Манеки Неко веќе го има на линија од европскиот познат бренд за облека, H&M, а нема дилема дека ќе го има и на многу други производи, не само јапонски.

Кити и Манеки Неко буквално не можете да ги избегнете низ Јапонија. Тие се насекаде, не само на производи за деца.

Тие се на реклами за авто сервиси, бензински пумпи, кутии за очила, ракавици за готвење во кујна, магнети, чаши, чинии, има дури тостери кои лепчето го прават во формата на Хело Кити…, да не редам, ги има на што можете и неможете да замислите.

Така се вртат парите. И има за сите.

Одлична формула која може да се ископира и кај нас. Зошто рисот, кој го нема никаде во светот, освен на Балканот и секако во Македонија да не стане нашето слатко маче.

Потребна е само екипа која ќе смисли добро ликовно решение и ете ти фабрика за пари.

Животните се важни, колку и луѓето

Животните во цртна или во други форми низ Токио ги има повеќе отколку фотографии или цртежи на луѓе.

Тие се дел од речи секое второ лого на било каква фирма, билборд, важни информации за Јапонците и туристите…

Нема дилема Јапонците ги сакаат животните. Сите видови. И учат да ги сакаат уште од мали.

Ко ќе ми текне дека кај нас министерот за земјоделие се фалеше дека сега дозволи за лов ќе се добиваат полесно и истото го прикажуваше како голем успех, ми се крева косата и се срамам. Да не зборам дека во Јасен убиваат срни од забава и тоа ги нишанат и гаѓат на местата каде им оставаат храна и вода.

“Ние почитуваме се што е живо. Сите сме важни“, велат локалците.

Па така наместо некои херои или битни личности од нивната историја на плоштадот покрај најголемата раскрсница во градот во областа Шибуја, една од главните туристички дестинации и собиралиште на младите Јапонци, има споменик на верното куче Хачико, за кое Холивуд направи и филм.

Кучето навистина постоело и го чекало својот сопственик на истото место секој ден и девет години по неговата смрт.

П.С. Да не заборавам за делфините. Се распрашав квалитетно. Значи видеата што се ширеа пред неколку години како Јапонци во некое селце убиваат делфини се чиста пропаганда.

Да, делфини таму навистина се убивале, а од истите видеа и Јапонците биле шокирани и згорезени. Благодарение на искусниот новинар кој првично ја објавил сторијата, сега на оваа прашање се посветува сериозно внимание.

Во Јапонија е нелегално убивањето на делфини и ајкули. Секако постои црн пазар, како кај нас со охридската пастрамка, а главни играчи како што велат локалците во овој црн бизнис се најчесто Кинези или Австралијанци.

ПРОДОЛЖУВА….

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) еМагазин во Токио: Како изгледа 9 милионскиот град од птичија перспектива

Петре Димитров

(Галерија) Bocca Di Lupo: Нова софистицирана приказна со вкусна храна, пријатна музика и уникатен изглед

Редакција

(Галерија) Лисец, од каде што половина држава ја имате на дланка

Редакција