Пожарот, кој избувна синоќа по 23 часот во Трговскиот центар „Глобал“ во Струмица е изгаснат рано утринава, а на одредени места во внатрешниот дел, каде се сместени поголем број тезги и продавници се уште тлее и повремено се појавуваат мали пламени јазици.
Од тоа што може да се забележи на местото на пожарот, изгорени се повеќе од десет продавници, внатрешниот дел каде е сместен пазарот и тезгите во најголем дел е изгорен, зафатен е супермаркет во внатрешноста, а пламените јазици зафатиле и делови до третиот кат од трговскиот центар.
МИА утрово затекна купишта изгорен материјал, стока, вода на сите страни, а местото го обезбедува екипа на ТППЕ Струмица, која внимава да не дојде до нов пожар и интервенира на местата каде се појавуваат пламени јазици.
Неколкумина сопственици на продавници и тезги само немо гледаа во објектот и не беа расположени да дават изјави.
Синоќа местото на пожарот беше и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, кој рече дека материјалната штета е голема, а за среќа нема повредени.
Според него, синоќа во гаснењето учествувале и противпожарни екипи од околните градови и возила на ЈПКД „Комуналец“.
-Почна на почетокот од првиот дуќан и брзо се прошири. Мојот бутик е целосно изгорен и во него имаше стока од над 20 илјади евра, рече сопственик на бутик.
Засега не се знаат причините за пожарот.
МИА/Фото: МИА/Општина Струмица