Со серадосно ликување, Светата Бигорска Обител, заедно со притекнатите верници, достоинствено го дочека својот Старец и игумен, Архимандрит Партениј, кој едногласно беше избран за нов епископ од страна на светите архијереи на Свештениот Синод на МПЦ-ОА, соопштија од Бигорскиот манастир.
Оттаму му приредија „цветен пречек“ на новиот владика.
„Мили мои, во овој миг сум особено возбуден, не толку поради денешната одлуката на Светиот Синод да бидам избран за архиереј, колку од вашата љубов. Ве молам да ми простите што во моментот не можам нешто особено да ви кажам, затоа што не можам да ги спречам солзите и чувствата…
Нема ништо поголемо од безусловната љубов, којашто не бара корист, не бара правда. Љубов, којашто не е лицемерна, која не е човекоугодничка, туку е, едноставно, љубов заради љубов, добрина заради добрина. Токму на темелите на оваа љубов е изградено нашето братство, нашите сестринства, како и нашиот однос со сите духовни чеда и посетители во манастирите. Таа љубов ја сметам како најголемо богатство.
Додека се враќав наваму, постојано размислував за фактот дека нема ништо поскапоцено од тоа некој да те сака безусловно. Да те љуби заради самиот тебе, да те почитува заради Бога. Не затоа што имаш некаков чин, затоа што, можеби, си некој и нешто во општеството, туку чисто заради тебе самиот, како Божјо создание. А уште повеќе трогнува љубовта некој да те сака и почитува како татко. Ви благодарам, наjвозљубени мои, што вие токму така и ме сакате – како татко.
Тоа најмногу ми значи. Зашто, јас, како човек, имам многу слабости, но навистина се трудам да ве сакам како мои деца. Вие сте моето најголемо богатство. Еве, и денес вие го покажавте тoa со овој прекрасен пречек што ми го приредивте, со овој изблик на вашата некористољубива љубов. Што друго би можело да ме израдува толку, освен вашата љубов?! Љубовта во Христа. Неслучајно Апостолот Павле вели дека таа, љубовта, е најголема од сите“, изјави Партениј.
Фото: Бигорски манастир