еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

(Фото) Смидџин е мал и перфектен: Една година од постоењето на првиот крафт џин произведен во Македонија

Првиот македонски крафт џин, Смидџин на 13 декември ќе прослави една година од своето постоење, а веќе ја испишува својата убава и успешна приказна, како на македонскиот, така и на светскиот пазар.

Приказната започнува пред пет години, кога двајца вљубеници во џин Македонецот, Иван Скендеровски и Шкотот, Греам Лоутер сакаат да произведат пијалок, чии што состојки, главно ќе преовладуваат од ова поднебје.

„Бевме во Шкотска и Англија каде што посетивме крафт дестилерии од истиот овој тип, и горе-долу сфативме што сакаме да добиеме. При посетата ни подарија мал дестилатор и кога се вративме во Македонија, го монтирав дома на шпорет и на чешма и почнав со дестилации.

Првично направивме 42 дестилации од сите тревки и овошја кои се наоѓаат во државата, за да видиме што е тоа што нам би ни се вклопило, во тоа време во нашиот пијалок,“ раскажува за еМагазин, Милица Плетварски, мастер дестилер на Смидџин.

По четири години подготовки на рецептурата, но и вадење на сета потребна документација и лиценци за производство, се раѓа првиот македонски крафт џин.

Главната состојка е дивата смрека која потекнува од Галичица, но има и 12 други билки кои се од различни делови на Македонија.

„Многу беше интересно, кога се правеа пробите користев планински чај од Источна Македонија. Но кога започнавме да користиме планински чај од Галичица, 18 пати ја намалив дозата на негова употреба во џинот,“ додава Плетварски.

Природните состојки кои се користат за производство на Смидџин освен од Македонија, се користат и од странство како бибер, семки од коријанедер, кора од циметово дрво кои се носат од Индија и Шри Ланка.

Плетварски вели дека најубавото кај џинот е се што гледаш, мирисаш, пробуваш да видиш како ќе излезе.

„Се што е околу нас како состојка, може да се стави. Џинот е нешто што дава можност за изразување и креативност,“ додава таа.

Нови вкусови на Смидџин

Летово, се родила идеја и за нов вкус на Смидџин, пијалок кој е обоен и цитрусен. Во Македонија, вели Плетварски, во тренд е пиењето на обоен џин.

„Од она што го купивме на пазарот за да го испробаме, заклучивме дека содржи многу вештачки ароми, бои, шеќери. Ние сакавме да биде природен без шеќер. Избравме, на посточекиот Смидџин да додадеме боровница, брусница, лаванда, шипка и така се роди Смидџин Велвет.

Самиот џин е обоен природно, со растението Тајландска љубичица. Бојата е индиго-сина, но во зависност од пе-ха средината, се менува и бојата од зелено до розово.

На овој џин, ако додадете тоник бојата станува нежно розева, ако додате кисела вода станува зелена. Најголемиот предизвик беше џинот да не е благ, бидејќи жените што пијат џин внимаваат и на изгледот и килограмите.

Во моментов во мода се ароматизирани и здрави пијалоци, а џинот го содржи сето тоа, бидејќи во себе содржи здрави тревки,“ додава Плетварски.

Во дестиларата Смидџин, која се наоѓа во ниско приземје на објектот МЦМ во Парк и е одлично место за дружба и организација на убави и креативни настани, се крчка нов производ Спајсид, кој треба да биде пуштен зимава.

Вкусовите кои ќе преовладуваат кај овој џин се оние кои се карактеристични за овој период од годината, како цимет, каранфилче, цитрусни ноти.

Пред новогодишните празници, вреди да се спомене дека џинот Смидџин е одлична идеја и за подарок, бидејќи е убаво спакуван во кутии, во комбинација со специјални чаши.

Може да се купи како во самата дестилара, така и во сите полуксузно снабдени продавници за алкохол.

Смидџин, во превод значи „мало и перфектно“ што одлично му прилега и името, иако првично требало да се вика Хетерој, како шлемот на војниците на Александар Македонски.

Иако постои само една година, Смидџин се вброи во шесте најдобри џина во светот.

„Во меѓувреме, нашиот џин го испраќавме на различни натпревари, бидејќи сакавме да го слушнеме мислењето на специјалистите, за да кажат дали е добар или не.

На најголемиот натпревар за џин „Џин гајд“ кој што е независен интернационален натпревар, добивме награда за најдобар џин на подрачјето на Средна Европа како „крафт џин“ и добивме награда за најдобар помеѓу шесте џинови на ниво на свет.

Ова за нас е многу голема награда, за ова кратко време,“ додава Плетварски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Првиот македонски крафт џин, освои два златни медали и се вброи во најдобрите шест во светот

Фото: еМагазин.мк

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

“Балканики аноними етериа петрелеу“ купи нови акции на ОКТА

Редакција

(Фото) Македонија подготвена за Европското ракометно првенство

Редакција

Грешка при гласањето на Евровизија: Тамара се искачи на седмо место, била прва според жирито

Редакција