еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

(Фото) Во Крушево одбележан 40-от роденден на Тоше

Со спомени, сеќавање, тага и незаборав во Крушево и на Гумење денеска беше одбележан 40. роденден на нашата и балканска голема музичка ѕвезда, за хуманиот човек со големо срце, на еден од најголемите амбасадори на земјава, Тоше Проески.

Тоше Проески го загуби животот на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска.

Поради пандемијата изостанаа музичките настани, но неговите фанови и поддржувачи, неговото Крушево, не заборавија да му оддадат почит на Тоше. Оти, велат, Тоше има само ден на раѓање и, иако го нема, тој е присутен во мислата на сите.

Почитувачите од Крушево, од земјава, маратонците кои трчаат секоја година во чест на Тоше, од Хрватска му оддадоа почит на неговото гробно место на Гумење. Не изостана ниту роденденската торта.

Стела Прислан Фујс од Хрватска не пропушта да дојде. За последните месеци дури трипати. И без разлика што по враќањето мора да го помине карантинот, или да се тестира. Тоше е единствен, вели Стела која на сите им нудеше спомени за Тоше и роденденска торта.

„Таква големина не се раѓа секој ден, секоја година, ниту за еден век. Вие во Македонија треба да бидете горди што го имавте, но тој е светски, не е само ваш,“ вели Фујс.

Јован Илијоски го поздравува фактот што на новото спомен обележје стои годината на раѓање на Тоше, а до неа – прашалник.

– Тоа покажува дека Тоше е ѕвездата која не згаснува. Таква големина, музички талент, огромно срце со љубов за сите е реткост. Тој останува со нас, вели Илијоски.

Пет маратонци, кои секоја година го трчаат маратонот од Нова Градишка, Хрватска, до Крушево, и денеска беа на Гумење. Наум Капрически вели дека почитта спрема Тоше е голема привилегија.

– Тоше ќе живее сѐ додека е жив споменот за него. А тоа значи засекогаш. Затоа тој има само ден на раѓање, уверено вели Капричевски.

Од спомен-куќата „Тодор Проески“ нагласуваат дека манифестациите во пандемијата изостанаа поради почитувањето на здравствените мерки. Но и во пандемија лани, куќата-музеј ја посетиле околу 15.000 гости.

Крушевскиот градоначалник Томе Христоски вели дека достоинствено се чествуваат значајните датуми и сѐ што е поврзано со нивниот сограѓанин, големата музичка ѕвезда, уште поголемиот човек со златно срце.

– Достоинствено го одбележуваме 40-иот роденден на Тоше. Кога ќе заврши пандемијата, се надеваме наскоро, ќе продолжиме со сите настани, музички, културни, спортски.

Да напоменам дека Крушево има потпишано и меморандум за соработка со Нова Градишка за негувањето на споменот на Тоше, вели Христоски, кој напоменува дека напролет штом ќе дозволат условите, ќе се направат потребните поправки на спомен обележјето на Гумење кое е изградено есеноска.

Тоа ќе значи дека овој објект ќе добие и технички прием.

МИА/Фото: МИА/Хит рекордс

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Започнете онлајн продажба со услугата за E-трговија на НЛБ Банка

Редакција

Добрата хигиена во секој дом е избор

Редакција

(Фото) Ганка Цветанова и Сашко Кедев се искачија на швајцарскиот врв Монк

Редакција