Фотоволтаичните системи на ЕВН Македонија, дизајнирани според потребите на корисниците, стануваат подостапни за сите заинтересирани. ЕВН Македонија и Шпаркасе банка Македонија постигнаа договор за соработка, преку кој ЕКО кредитот на Шпаркасе банка Македонија ќе може да се користи и за финансирање на фотоволтаичните системи што ги нуди ЕВН Македонија.
Преку ЕКО кредитот на Шпаркасе банка Македонија, корисниците имаат можност за добивање грант од 15% од вкупната вредност на фотоволтаичните системи на ЕВН. ЕКО кредитот е наменет за физички лица со максимален износ до 50.000 евра, со фиксна каматна стапка во првите три години која започнува од 5,7%, а во останатиот период на отплата е променлива почнувајќи од 5,9%.
Оваа можност за финансирање ја прави обновливата енергија за домаќинствата уште подостапна. Сите заинтересирани корисници практично добиваат заокружен процес.
Понудата на ЕВН Македонија предвидува целосна услуга по моделот „клуч на рака“, односно креирање персонализирано решение според анализа на карактеристиките на објектот, набавка и инсталирање на фотоволтаичните системи. Отсега корисниците ќе можат да ја заокружат и финансиската конструкција преку ЕКО кредитот на Шпаркасе Банка Македонија.
„Наша обврска како одговорна компанија е да креираме понуди со кои ќе ги пресретнеме промените и новините на пазарот и на корисниците да им понудиме иновативни решенија, преку кои ќе ги намалат трошоците за електрична енергија, без да го нарушат својот комфор. Фотоволтаичните системи го овозможуваат токму тоа, а дополнителна вредност е што искористуваат т.н. „зелена енергија“, со што се намалуваат штетните емисии во воздухот. ЕВН ќе продолжи да креира современи и достапни услуги за корисниците, а оваа соработка со Шпаркасе банка е чекор токму во таа насока“, истакна Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.
Шпаркасе банка Македонија веќе подолг период на пазарот нуди ЕКО кредити наменети за финансирање проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Енергетската ефикасност покрај промена во однесувањето, подразбира инвестиции во нови технологии и во објектите на корисниците.
Овие финансиски инструменти ги прават неопходните инвестиции подостапни за граѓаните, а со тоа придонесуваат кон долгорочно подобрување на квалитетот на живот.
„Една од нашите цели е поголема поддршка за имплементација на нови технологии и напредни решенија што ќе овозможат намалување на трошоците за енергија и почиста животна средина. Ние ги следиме потребите на пазарот и наша визија е да овозможиме овие технологии, особено во делот на обновливите извори на енергија и енергетска ефикасност, да ги направиме што подостапни.
Со тоа додадената вредност за клиентот од овој проект е очигледна: здрава животна средина, заштеда на енергија и унапредување на енергетската ефикасност на домаќинствата.
Очекуваме зголемен интерес за нашите ЕКО кредити, кои во многу скоро време ќе бидат едни од најбараните финансиски производи на пазарот“, истакна Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор на Шпаркасе банка Македонија.
ЕКО кредитот на Шпаркасе Банка е овозможен од програмата Green Economy Financing Facility (GEFF), развиена од ЕБОР за Западен Балкан. Целта на ЕБОР е преку GEFF да создаде пазари за самостојно одржување на побарувачката за инвестиции во технологии со високи перформанси, со цел подигнување на свеста за модерните стандарди за енергетски перформанси. Програмата GEFF е поддржана и е извор на грантови од Европската Унија.
Со поставување фотоволтаична централа, односно соларни панели, едно домаќинство може да покрие околу 30% од вкупната годишна потрошувачка за електрична енергија.
Компаниите, пак, покрај тоа што заштедуваат преку производство на енергија од обновливи извори за сопствени потреби, ја зајакнуваат и општествената одговорност. Интересот за услугата во континуитет расте по иницијалната промоција во јули, а стручните тимови на ЕВН активно работат на поставување фотоволтаични системи кај корисници низ цела Македонија.
Сите заинтересирани за оваа услуга може да го посетат Инфо-центарот на ЕВН, приемните канцеларии низ Републиката или да се обратат на [email protected].
Корисниците што се заинтересирани за искористување на ЕКО кредитот, може да ги посетат експозитурите на Шпаркасе Банка, како и да се информираат преку Контакт центарот на телефонскиот број 02 3200-600.