Поранешниот ЕУ-амбасадор во Македонија, Ерван Фуере во интервју за МИА вели дека е разочарувачки да се види, дека во случаи како реформата на јавната администрација, сегашната Влада се чини дека ги повторува ужасните грешки на претходната влада.
„Сегашната влада започна со голема порака на промена и промоција на инклузивен систем на владеење кој нема да ја повтори партизацијата на политиката поради која падна режимот на Груевски, заробувањето на државата, така што мислам дека сегашната Влада треба да биде внимателна да го задржи фокусот на реформите. Ова се реформи кои ќе направат разлика за општеството пошироко.
Разочарувачки беше да се види дека за да се добијат гласовите за ратификација на Преспанскиот договор, дека имало наводни договори за амнестија, ако е тоа вистина тоа го поткопува владеењето на правото и кампањата која го мобилизираше граѓанското општество за промена: нема мир без правда.
Владата треба да биде внимателна да го сочува тоа. Важно е исто така да има промена на менталитетот, нема реална промена на менталитетите, истите стари политики фокусирани на партијата уште важат. Рeформите треба да направат вистинска разлика“, вели Фуере на прашањето што мисли за спроведување на реформите.
На прашање дали мисли дека бегството на Груевски беше помогнато од елементи во Владата или од странски влади тој вели дека е јасно дека имало соработка со Унгарија.
„Имаше толку многу предупредувачки знаци пред неговото бегство, што е неверојатно што никој не внимаваше. Ова навистина остава лоша дамка врз безбедносните и полициските сили како и врз Владата што го пуштија да побегне така. Тој е осуден криминалец. Веројатно никогаш нема да дознаеме, но многу е негативна улогата на Унгарија што му даде азил, додека забрануваат влез на мигрантите“, вели Фуере.
Фото: Влада