Многумина од Вас сигурно слушнале за брзите возови во Јапонија или за тоа колку Јапонците се по редот, точноста или правилата. Бидејќи овие работи се воглавно познати, еМагазин директно од Токио преку серијал ќе се обиде да Ви пренесе и други интересни и невообичаени работи за кај нас.
Резиденција на 1.150.000 метри квадратни
Богами влегувањето во резиденцијата на актуелниот јапонски император Акихито, долго ќе го паметам. Не толку по ексклузивната можност да прошетам по дел од овој кралски имот, кој се протега на 1.150.000 метри квадратни, и да бидам еден од многуте ретки Македонци, кои ја имале таа можност, туку по моментите пред да влезам.
Имено, на пат до резендинцијата, испушив една цигара и ја изгасив во шише со вода. Имајќи во предвид дека ќе има детален претрес на влезот на кралскиот имот, си викам дај да го фрлам шишето, не за друго, водата доби жолта боја и си велам ќе си помислат дека е бог знае што.
Барам околу канта за пластика (други и ретко може да најдеш низ Токио), нема. Гледам полицајци, викам ај нив ќе ги прашам. Ми велат од безбедносни причини во радиус од стотици метри околу резиденцијата нема канти за отпадоци. Препоставувате зошто 🙂
Им велам, ОК, може ли барем Вие да го земете шишето. Ме гледаат чудно и мавтаат со раце, велејќи никако. Видов не видов се вратив на влезот од резиденцијата, и кога стигнав на контрола им објаснив на обезбедувањето, кои насмено ми возвратија дека нема проблем.
Детален преглед и многу ограчиничен пристап
За да влезете во резиденцијата Ви е потребен документ за идентификација, пасош, а може и лична карта. На влезот се проверуваат ташните, ранците, се пополнува формулар од кај сте, број на документот, каде престојувате.
Пред да почне турата, која не може да биде повеќе од 300 лица, посетителите се сместуваат во сала каде им се даваат основните инструкции, што, како.
Од прошетката која трае околу 1 час ќе видите минимален дел од огромниот имот. Во неколку денови од неделата можете да видете и една од бројните градини, а само два пати во годината уште малку.
Повеќе можат да видат гостите на императорот, од рангот на амбасадори, претседатели и сл.
Влез во бројните објекти нема, а во турата впечатливо барем мене ми беше палата од каде се обраќа императорот на гостите.
Движењето на посетителите е строго контролирано, од водичи и полицајци кои кружат околу со автомобили. За генерална, но и за нивна лична безбедност.
Седиштето на јапонскиот император од Кјото во Токио е преселено во 1868 година. Кјото претходно бил кралска престолнина над 1.000 години.
Додека се шетате по имотот, импресивна е глетката на околните модерни згради.
Актуелниот јапонски император Акихито, во декември годинава ќе наполни 85 години, а следната година ќе биде наследен од неговиот постар син, Нарухито.
Тој е на престолот од 1989 година, а Јапонија до сега имала 125 императори.
Акихито не живее во резиденцијата, а овде доаѓа најчесто за приеми.
ПРОДОЛЖУВА…
Фото: Нарухито/Акихито/Reuters