Синоќа беше отворен 35. Меѓународен Саем на книга, кој според најавите на организаторите има најбогата програма во својата историја.
Даниела Глигоровска, управител на Скопски Саем, организатор на Саем на книга, изјави дека оваа година најголемиот фокус го има насочено кон нагласување на важноста на мајчиниот македонски јазик.
„Културното наследство, коешто ни го имаат оставено безвременските легенди во македонската книженост, – должност ни е да го зачуваме за сите нас, како и за сите идни генерации. Од денес сѐ до 10 мај, секој ден со почеток од 10 часот, над 60 домашни и странски издавачки куќи ќе ги претстават своите саемски понуди, со познати наслови од многубројни реномирани автори, на сите љубители на пишаниот збор.
Овој Саем мора да остане потсетник и синоним, да се чита со вистинска книга во раце. Не е случајно што мотото на годинешното издание на саемот е токму „Мирисот на нова книга ја најавува пролетта“. Истото е потсетник за најважната премиса во ова модерно темпо на живеење, – да не ја заборавиме најздравата навика на модерниот човек, а тоа е – читањето нови книги,“ изјави Глигоровска.
Во претстојните денови, саемската арена ќе биде центар на многубројни средби со автори, потпишувања на книги, едукативни работилници, трибини, наградувања, притоа одбележувајќи ја важноста на читањето како навика, збогатувањето на личната библиотека, како и убавината на зачестениот афинитет да се подарува книга за разни поводи.
„Саемот за нас издавачите е посебно важен, бидејќи е место кадешто се обединуваме со читателите. Кадешто можеме да ја претставиме целата наша годишна програма и она за коешто работиме преку целата година. Ние како издавачи и времето го сметаме како период помеѓу два саеми.
Во таа насока се и наградите на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), коишто традиционално утре ќе ги додели наградите и признанијата за најдобрите изданија, најкреативните изданија, најдобрите автори, најдобрите и општествено одговорните издавачи.
На тој начин ќе се обиде да работи на она на кое работиме како Асоцијација, а тоа е да го подигнеме статусот на книгата на едно уште повисоко ниво. Тоа го правиме и преку учество во организацијата на Саемот и оваа година. Заедно со организаторот работиме саемот да го направиме уште поквалитетен, со уште подобар избор на книги, со голем избор на настани, – и во промотивниот центар, и на штандовите. Одговорноста е голема бидејќи над 30.000 луѓе ќе бидат тука овој период. Успехот го броиме и преку реакциите на читателите, нивните сугестии, забелешки, критики, пофалби,“ додаде Бојан Саздов, претседател на МАИ.
Годинешното издание на Саем на книга ќе трае до 10 мај 2023 година, во Арена – „Борис Трајковски“ во Скопје, со работно време секој ден од 10 до 20 часот. На последниот ден, на 10 мај саемот ќе биде отворен сѐ до 18 часот.
„Промените ми ја покажаа положбата во која се наоѓа денес книгата и сето она што е поврзано со неа. Несомнено овие промени се показатели на повеќе аспекти. Ја покажуваат немоќта на книгата, која како производ тешко може да се натпреварува со некои други стоки што повеќе се бараат.
За време на оваа прошетка во Париз, во неуспешната потрага по некогашните книжарници, се прашував дали тоа значи дека книгата почнува да се повлекува пред наездата на општата комерцијализација на нештата? Дали е ова нејзин пораз пред некои други попривлечни и поефикасни облици на информации и комуникации? Дали можеби нејзиното место започнуваат да го земаат некои други медиуми?,“ изјави наградуваниот академик Влада Урошевиќ споделувајќи пред присутните искуство од една своја посета во Париз во Франција.
Академик Урошевиќ е познат по својата долга кариера и свој печат во сферата на македонската книжевност и зацврстување на културниот идентитет преку пишаниот збор.
„Книгите не се спалуваат толку често. Денес се рециклираат. Или благо речено, се повлекуваат од употреба. Дали навистина книгата во својот вообичаен облик ќе исчезне од животот на идните генерации? Јас искрено се надевам дека не,“ дополни Урошевиќ
Министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, изјави дека во пресрет на одбележувањето на 5 мај, Денот на македонскиот јазик, доволно е да се потсетиме дека од седум илјади јазици во светот, половина се исчезнати или се во опасност од исчезнување.
„Со нив исчезнал и мал универзум на мисли и чувства, но останале книгите, натписите во камен, на хартија, и во други форми. Токму затоа со големо задоволство Ве поздравувам на почетокот на уште едно издание на Меѓународниот саем на книгата, манифестација која во својата долга традиција, истрајно и во континуитет, укажува на неопходноста на книгата во нашето секојдневие и поширокиот општествен контекст.
Поддршката на Саемот на книгата е од голема важност, особено во овој актуелен миг, кога некои податоци покажуваат дека помалку се чита, а ерата на дигиталната технологија ги навикна луѓето подолго време да минуваат пред екраните на паметните телефони, компјутерите и телевизорите.
Сѐ почесто се среќаваме со поимот екранизам, кој е поврзан со негативното влијание на екранот врз мозокот, особено кај малите деца. Свесни сме за слабата концентрација на одредени активности, нешто што сериозно треба да нѐ загрижи. Од друга страна, на сите ни се познати многубројните и далекуопсежните придобивки од читањето како една од најосновните вештини што можеме да ги стекнеме како човечки суштества.
Накратко, читањето е од суштинско значење за нашиот развој и среќа, како поединци и како општество. Затоа како љубители на книгите и на пишаниот збор, имаме обврска да ги унапредуваме состојбите и заедно да работиме на зголемување на интересот на читателската јавност за книгата како пишан медиум,“ изјави Костадиновска Стојчевска.
Таа додаде дека ова издание ни носи богати и разновидна програма со врвни домашни автори, многу гости од странство, преку кои се промовираат и културата и уметноста, се охрабрува дијалогот меѓу авторите и читателите.
„Им честитам на организаторите што по 35. пат ги обединија македонските издавачки куќи. Честитки до издавачите, кои многу посветено и со љубов издаваат квалитетни дела. Благодарност и до македонските автори, кои го чуваат македонскиот јазик и ја промовираат македонската литература дома и во светот. Министерството за култура, како и досега, така и во иднина ќе остане доследно на поддршката што како покровител ја дава за Саемот на книга, како и на поддршката на квалитетни дела од македонски автори и преводи на странски писатели.
Посакувам да имаме успешно саемско издание со верба дека ги враќаме книгите во нашето секојдневние. Да се обврземе да читаме повеќе, да истражуваме нови идеи, да се произнесуваме интелектуално, да ја прифатиме трансформативната моќ на пишаниот збор,“ дополни министерката.
Мирисот на нова книга дефинитивно ја најави пролетта.