Споменикот на природата Камени кукли во село Куклица се наоѓа на десетина километри од Кратово.
Настанати се од вулканска ерупција пред 10 милиони години и се природен феномен.
Сепак за нивното настанување има и легенда која вели дека момче, во кое една девојка била бескрајно вљубена, се оженило со друга, поради што разочараната девојка ги проколнала младенците. На денот на веселбата, младоженците и сватовите се скамениле, па затоа месноста помеѓу жителите се вика и „Весела свадба“.
Камените кукли дури имаат и имиња, младоженец, невеста, кум, сватови… Доколку внимателно ги набљудувате, речиси на секоја камена форма може да пронајдете човечки лик.
Но, проблем е што иако има ознаки, тие се недоволно прегледни, заради порастената трева околу куклите.
Патеката околу целиот рид на кој се наоѓаат куклите не е соодветно одбележана. Нема соодветни ознаки дека освен на „лицето“ на ридот, камени кукли има и на опачината на тој рид. Местото иако е убаво, остава впечаток на недоволно средено. Ѓубре има на сите страни и оттука впечатокот на недоволна грижа.
Иако неодамна со средства на ЕУ се отвори Инфо-центар, тој преку недела не работи. Легендата, можело да се најде начин како да биде и раскажана. Странците сакаат приказни, и ги создаваат. Ние ги имаме, но не ги раскажуваме.
Оваа природна убавина, сепак заслужува поголема грижа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ