Основното јавно обвинителство Гостивар денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка против 30-годишен гостиварец поради сомнение за сторено кривично дело Производство и дистрибуција на детска порнографија од член 193-а став 1 од Кривичниот законик, информираат од таму.
– Во периодот од минатата година до 26 јуни годинава осомничениот произведувал детска порнографија, снимајќи во повеќе наврати сексуален однос со 15-годишно дете-жртва.
Снимениот видео-материјал и фотографии тој ги зачувал во меморијата на мобилниот телефон, со цел да ги дистрибуира, пренесува и нуди на друг начин, соопшти Јавното обвинителство.
Поради околности што укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, како и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор.