Владата донесе Уредба за примена на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица за време на вонредна состојба, со која се утврдува можност за донирање на остварениот поврат од ДДВ за кој физичкото лице има право преку проектот „МојДДВ“ во државниот Буџет поради справување со последиците предизвикани од коронавирусот.
Како што соопшти владината прес-служба, физичките лица корисници на апликативниот софтвер за пријавување на податоците од фискалната сметка изготвен во мобилна верзија ќе имаат можност да изберат да го донираат остварениот износ од данокот на додадена вредност за кој имаат право на враќање.
„За остварениот износ за поврат на ДДВ во првото тримесечје во оваа година, граѓаните ќе имаат можност да изберат опција за донирање на дел од данокот на додадена вредност за кој имаат право на враќање, најдоцна до 5-ти мај 2020 година“, стои во соопштението за одлуките од денешната седница на Владата.
На седницата е донесена и Уредба за примена на Законот за данокот на додадена вредност за време на вонредна состојба. Со неа се продолжува рокот за поднесување на образецот ДДВ-04 како и за плаќање на Данокот на додадена вредност, за периодот од 1 до 28 февруари, заклучно со 30 април годинава.
Се овозможува и продолжување на рокот за поднесување на образецот ДДВ-04, како и за плаќање на ДДВ за периодот од 1 до 31 март годинава и за периодот од 1 јануари до 31 март годинава, исто така заклучно со 30 април годинава. Се продолжува и рокот за поднесување на образецот ДДВ-04 и за плаќање на ДДВ за период од 1 до 30 април, заклучно со 31 мај годинава.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата дозволи организирање онлајн игри на среќа
Сите детали: Владата ја дополни Уредбата за ограничување на додатоците на плати во јавниот сектор
Владата објави тендер за интерветна набавка на маски