еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

Границата со Грција останува затворена најмалку до 25 октомври

Границите со Грција остануваат затворени до 25 октомври, откако двете министерски одлуки што се однесуваат на привремено ограничување на копнените, морските и авионските поврзувања на земјата и на забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, јужниот сосед ги продолжи за уште 12 дена, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на копнените граници, ограничувањата, „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19 на грчка територија“ се за временскиот период од 13 до 25 октомври 2020 година.

За туристите и странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин Промахонас (Кулата) и само со негативен молекуларен тест за Ковид-19 направен 72 часа пред пристигнувањето.

Од останатите гранични премини што се отворени, односно Какавија и Кристалопиги кон Албанија, Евзони (Богородица) кон Северна Македонија, Нимфеа кон Бугарија и Кипи кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со негативен ПЦР тест.

Овие гранични премини се отворени од 7 часот наутро до 23 часот, а забраната не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.

Втората министерска одлука се однесува на привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од било која влезна точка, на било кој начин и со било кое средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на Ковид-19 на грчка територија“, а важи до 25 октомври 2020 година.

Исклучок се жителите на Австралија, Грузија, Канада, Јапонија, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Тунис, Уругвај и Обединетите Арапски Емирати е на сила од денеска.

Исто така, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.

Станува збор за двете министерски одлуки, кои во изминатите месеци постојано се продолжуваа, прво на секои две седмици, а сега на 12 дена.

Последното продолжување беше за периодот од 1 до 12 октомври 2020 година, а од денеска стапуваат во сила новите одлуки кои синоќа беа објавени во Службен весник на Грција.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Денеска почнува судењето за воени злосторства против поранешниот претседател на Косово, Тачи

Редакција

Труење – можна причина за смртта на мајката и ќерка во Слатино

Редакција

ВМРО-ДПМНЕ: Презентерката и несудена конзулка, Бесмира Ејупи се вработила во МНР

Редакција