Во овој момент не постојат препораки за отворање и за дополнителни земји, ако произлезе такво нешто одново ќе го разгледаме, рече портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина на денешниот бифинг со новинарите, во однос на тоа дали Владата размислува да ја прошири листата со трети земји за влез во Грција.
– Во овој момент не постојат препораки за отворање за други земји. Забележуваме пораст на пандемијата, општо на планетата и во Европа, според тоа во овој момент не постојат препораки за отворање и за дополнителни земји. Ако произлезе такво нешто одново ќе го разгледаме – рече Пецас.
На денешниот редовен брифинг со новинарите, портпаролот на грчката Влада објасни дека во оваа фаза во Грција постојат три области што предизвикуваат загриженост за коронавирусот.
Првата е континуираното поминување на копнените граници кон балканските земји на Грците и оние кои имаат дозвола за престој, втората се однесува на забавите во баровите и ноќните клубови, како и на прославите (свадби, крштенки), а третата област е ситуацијата во превозните средства.
За првиот случај рече дека „некои продлжуваат да влегуваат и излегуваат како да не се случува ништо“ и најави дополнителни мерки за копнените граници кон Северна Македонија, Албанија, Бугарија и Грција, кои и онака се отворени само за грчки државјани и оние кои имаат дозвола за престој.
– Соопштуваме дека забраната за поминување од 23 часот до 7 часот наутро, од утре вечер се проширува на копнените гранични премини што се отворени за конкретни категории граѓани, освен Промахонас – рече Пецас.
Конкретната мерка е веќе во сила на граничниот премин Какавиас со Албанија, а од утре ќе важи и за Евзони (со Северна Македонија), Кристалопиги (со Албанија), Нимфеа (со Бугарија) и Кипи (со Турција).
Пецас истакна дека следната седмица е клучна за текот на пандемијата во земјата, објасни дека ќе ги преземат сите дополнителни мерки што се неопходни доколку за тоа постои препорака од експертите.
Со оглед на тоа дека во одредени делови на Грција има зголемен број случаи на Ковид-19, портпаролот на грчката Влада, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, не ја исклучи можноста за воведување локални карантини, бидејќи, како што рече „тоа е мерка што во минатото беше успешно спроведена за да се ограничи веројатноста вирусот да се прошири во општеството и доколку биде потребно повторно ќе се преземат и такви мерки“.
МИА/Фото: Влада