Во првите девет месеци од оваа година Групацијата Триглав реализираше 69,9 милиони евра добивка пред оданочување, што е за 8% повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Имајќи ги во вид предвидените можности до крајот на годината, ја потврдува прогнозата за планираниот годишен резултат.
Во однос на истиот период од минатата година, во дејноста осигурување остварен е раст на премија на сите пазари и во сите сегменти на осигурување (неживотни, животни и здравствени осигурувања), а зголемен е и опсегот на средства на клиентите со кои се управува.
Во 2018-та година Групацијата продолжува со спроведување на својата стратегија на раст и развој, со што се поврзани и активностите кои Групацијата ги превзеде оваа година.
Надзорниот одбор на друштвото, на Андреј Слапар, претседател на Управата, му довери петогодишен мандат и ги потврди мандатите на членовите на Управата, Урош Иванц и Тадеј Чороли.
Триглав Осигурување Скопје, членка на групацијата Триглав, третиот квартал оваа година го заврши со 11% повисока бруто полисирана премија (18,5 милиони евра) во споредба со истиот период минатата година.
Профитабилно работење. Деветомесечната добивка пред оданочување на Групацијата Триглав изнесува 69,9 милиони евра, што е за 8% повеќе во споредба со истиот период минатата година. На тој резултат првенствено влијаеше доброто работење во дејноста осигурување, додека приносите од инестиции, во согласност со очекувањата, беа пониски споредено со истиот период минатата година.
Раст на премија на сите пазари и во сите сегменти. Групацијата фактурираше 820,2 милиони евра консолидирана бруто премија, што е за 6% повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Пораст на премија е реализиран на сите пазари на Групацијата. Во Словенија, во просек порастот изнесуваше 5%, а на другите пазари 8%. Уделот на премија, фактурирана на пазарите надвор од Словенија, и понатаму јакне за 0,5 процентни поени и изнесува 18,3%.
Гледано од аспект на поединечни сегменти на осигурување, премиите во неживотни осигурувања се зголемија за 6%, премиите од осигурувањата на живот 1%, а кај здравствените осигурувања растот на премија изнесуваше 10%.
Поволен комбиниран коефициент. Во споредба со истиот период минатата година, нето износите за штети оваа година се зголемени (индекс 101), но нивниот раст видливо заостанува во однос на порастот на нето приходи од премија (индекс 106). Тоа влијаеше на подобрување на комбинираниот коефициент на Групацијата, којшто по третото тромесечие, изнесува поволни 92,4% (94,5% минатата година).
Понизок принос од финансиски инвестиции. На крајот на септември, 2018 година Групацијата управуваше со 3,1 милијарди евра финансиски вложувања, кои, во согласност со инвестициската политика, се соодветно дисперзирани и воглавно се насочени кон валутна изложеност во евра.
Приносите од нив (без приносите од вложувањата на осигуреници на животни осигурувања, кои превземаат инвестициски ризик) се намалија за 19% во споредба со истиот период минатата година, што поради минатогодишните еднократни случувања и ниските каматни стапки е очекувано.
Активности на превземање во рамките на стратегија за раст и развој. Групацијата Триглав се развива и расте органски, но во соодветни околности не ја исклучува активноста на превземање.
Оваа година ги потпиша договорите за купување на друштвото Raiffeisen Mirovinsko osiguravajuće društvo, на хрватскиот пазар на пензиски осигурувања, купување на словенечкото друштво за управување ALTA Skladi и за купување на преостанатиот удел од 28,1% на друштвото Skupna pokojninska družba, кое делува на словенечкиот пазар на доброволни дополнителни пензиски осигурувања.
„Со работењето во деветте месеци оваа година сме задоволни, а имајќи ги во вид предвидените можности до крајот на годината, ја потврдуваме својата прогноза на планираниот годишен резултат.
Групацијата Триглав е финансиски цврста, работи профитабилно и безбедно и со тим од над 5.100 соработнички и соработници доследно ги спроведуваме развојните активности кои што сме ги зацртале. Како потврда на наведеното е овогодинешниот кредитен рејтинг A, со стабилна среднорочна прогноза од страна на бонитетната агенцијата S&P Global Ratings“, изјави претседателот на Управата на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар.
На својата седница, одржана на 14.11.2018-та година, надзорниот одбор на Заваровалница Триглав го именуваше Андреј Слапар за претседател на Управата во следниот петогодишен мандат. Андреј Слапар е носител на функцијата претседател на Управа од мај, 2013 година. Неговиот следен петогодишен мандат започнува на 12.11.2019 година.
Воедно, надзорниот одбор го прифати предлогот на претседателот на Управа и, повторно за членови на Управата на Заваровалница Триглав ги именуваше Урош Иванц и Тадеј Чороли. На функцијата членови на Управа обајцата стапија во јули 2014 година, со тоа што следниот мандат на Урош Иванц му започнува на 15.07.2019, додека пак мандатот на Тадеј Чароли стапува во сила на 30.07.2019 година.
Претседателот на Надзорниот одбор на Заваровалница Триглав, Игор Стебернак, изјави:
„Надзорниот одбор позитивно ја оценува работата на Управата на друштвото. Соработката и меѓусебната доверба помеѓу Управата и Надзорниот одбор се добри. Во име на Надзорниот одбор, на Управата сакам да ѝ посакам многу успех во остварувањето на стратешките цели на Групацијата Триглав“.
Триглав Осигурување Скопје со поголем раст на премија
Триглав Осигурување Скопје третиот квартал оваа година го заврши со 11% поголема бруто фактурирана премија (18,5 милиони евра) во споредба со истиот период минатата година. Растот на премијата се должи на одличните резултати постигнати во доменот на приватното доброволно здравствено осигурување, каде што Триглав обезбеди раст на премија од 47% во споредба со истиот период минатата година.
Главниот извршен директор на Триглав, Ѓорѓе Војновиќ е задоволен од резултатите постигнати во првите три квартали од годината.
„Добрите перформанси на Триглав се должат на експертизата и балансираното управување со компанијата и со сите нејзини процеси, како и на фокусот на клиентите, кој пак наложува прилагодување на понудата на потребите на пазарот и супериорен квалитет на услугите кои што компанијата ги обезбедува. Имајќи го тоа во предвид, на крај на август воведовме на пазарот нов пакет производи, Триглав комплет +, во кој врвната здравствена заштита која што Триглав Осигурување ја нуди е дополнета со осигурување на дом и каско осигурување на возила, а притоа обезбедува заштеда и до 40%“, додаде во оваа прилика Војновиќ.
Триглав Осигурување Живот е членка на Групацијата Триглав, која започна да работи на македонскиот пазар на крајот на минатата година, нудејќи осигурување на живот со компонента на штедење.
Првата година на пазарот Триглав Живот активно работи на едукација на јавноста за спецификите и бенефитите од осигурувањето на живот кои ги нуди и воведување на нови производи во својата продуктна палета, како би можеле на клиентите да им понудат подобар квалитет на живот и безгрижна иднина.
Водечката позиција на македонскиот пазар на неживотни и животни осигурувања Триглав ја потврди на крајот на вториот квартал, остварувајќи пазарен удел од 15,7%.