еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Хаос кај јавните набавки за корона вирусот: Едни купуваат ракавици за 2,83 денари, други за 9,32 денари за парче

Вредноста на договорите за итните јавни набавки поврзани со заштита од корона вирусот надмина 3,2 милиони евра и досега се склучени 142 договори, покажува третиот извештај од мониторингот на Центарот за граѓански комуникации.

„Дури 71% од вредноста на склучените договори отпаѓа само на пет фирми. Во отсуство на упатство или стандардни обрасци за набавка, продолжуваат значајните разлики во цените.

За повеќе од половина од склучените договори (59 %), институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето. Во секој втор склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач.

Сѐ уште нема информации за исходот од владините огласи за интервентни набавки на маски и ракавици“, се вели во извештајот.

Преку директни преговарања без претходно објавување оглас се склучени 142 договори. Најголема вредност на склучените договори има МВР, кое склучило шест договори во вкупна вредност од 1,9 милиони евра, што е дури 59 % од вредноста на договорите на сите институции.

„Станува збор за договори за набавка на маски, ракавици, очила, комбинезони и средства за дезинфекција. Второ според вредноста на договорите е Министерството за здравство, со 14 договори во вредност од 321.081 евро за набавка на монтажни контејнери, реагенси, потрошен материјал, дезинфекциски средства и заштитна лична опрема.

Дополнително на 142-та договори, објавена е и уште 51 одлука за избор на најповолен понудувач, во вкупна вредност од 701.230 евра“, пишува во извештајот.

Во овој период, најголеми разлики се забележуваат кај скафандерите и ракавиците. Скафандерите се купувале по цени од 262 до 1.156 денари, а ракавиците од 2,83 до 9,32 денари за парче.

„Најеклатантен пример е што комунално претпријатие купило скафандери за еднократна употреба по цена од 1.156 денари, а клиника купила скафандери за повеќекратна употреба со можност да се вријат за цена од 1.052 денари. Притоа, неспоредливи се ризиците од пренесување на вирусот и последиците од ова во двете институции“, се потенцира во извештајот.

Во него, се додава дека поради отсуство на каква и да е координација меѓу институциите, продолжува купувањето на најразлични видови маски, од оние за еднократна употреба, преку хируршки, платнени, сè до маските со највисока заштита. Најскапо е платена маска ФФП2 и тоа 448,4 денари за маска, а најевтино – двослојна маска за еднократна употреба од 21 денар.

„Институциите директно го прекршуваат Законот за јавни набавки, којшто ги обврзува да ги објавуваат известувањата за склучените итни договори и самите договори во рок од десет дена од нивното склучување.

Како што се претпостави во претходните два извештаи, биле склучени многу повеќе договори отколку што објавиле институциите. По неколкуте укажувања во претходните извештаи, се забележува почесто објавување на склучените договори“, пишува во извештајот.

Воедно, кај дел од институциите се забележува дека во договорите не ги наведуваат ниту договорените количини, ниту договорените поединечни цени, со што практично го оневозможуваат увидот во суштинските делови од тендерот.

Дури во 47% од сите склучени договори за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач.

„Анализата на склучените договори укажува на случаи во кои цената на набавените производи била пониска кога во преговорите биле вклучени повеќе од една понуда. За разлика од претходно, по неколкуте укажувања за преговарање со повеќе наместо со една фирма, зголемен е бројот на итни набавки со повеќе од еден понудувач“, се констатира во извештајот.

Од Центарот за граѓански комуникации препорачуваат договорните органи навремено да ги објавуваат на ЕСЈН известувањата и склучените договори за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот, и тоа најдоцна десет дена од денот на склучувањето.

„За поголема транспарентност, договорните органи да ги објавуваат на ЕСЈН и одлуките за избор на најповолна понуда преку инструментот за т.н. доброволна транспарентност, истиот ден кога го информираат и понудувачот со најповолна понуда.

Договорите за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот да ги содржат поединечните цени на набавените производи и услуги, како и детален опис на предметот на набавка.

Во преговорите за итните набавки да се вклучуваат повеќе фирми за да се зголеми конкуренцијата и да се постигнат пониски цени и повисок квалитет на набавките. Да се настојува да се добие најдобрата вредност за потрошените пари.

Детално да се образложуваат потребите за итните набавки во одлуката за јавната набавка, со објаснување на причините за набавка на потребниот производ или услуга, квалитетот и количините.

Надлежните институции да изработат упатство за набавка на производи за заштита и спречување на ширењето вируси, водејќи сметка за различните потреби на институциите“, пишува во извештајот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Починаа уште четворица пациенти од корона вирусот, вкупно до сега 110

Убава вест: Оздравени уште 16 пациенти од корона вирусот, вкупно 1.367

Регистрирани нови 19 заболени од корона вирусот, од кои 11 во Скопје

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Народна банка очекува пораст на БДП од 3,5 отсто

Редакција

Пендиков аплицирал за бугарски пасош на крајот на декември, откри бугарскиот амбасадор Ангелов

Редакција

Ден на независноста по 28. пат: Алчноста на политичарите главна кочница на Македонија

Редакција