еМагазин
Image default
Балкан

Хеликоптерот со кој патувал Ципрас го пресретнале турски воени авиони

За време на патувањето на премиерот на Грција, Алексис Ципрас кон островот Агатониси, што се наоѓа во близина на Турција, по повод грчкиот национален празник, турски воени авиони го нарушиле грчкиот воздушен простор и го принудиле хеликоптерот да лета ниско и да прави маневри, додека не интервенирале грчките воени авиони, јави дописничката на МИА од Атина.

Инцидентот со турските воени авиони го обелодени самиот Ципрас, кој ѝ порача на Турција дека „џабе троши бензин и керозин“ и доколку е потребно со пливање ќе стигне до најоддалеченото место во Грција.

– Пред малку имав чест при моето пристигнување овде на Агатониси да ме пречекаат и некои борбени авиони на турското Воено воздухопловство. Се чини поради денешниот ден, сакаа и тие да учествуваат во нашата национална прослава. Го принудија хеликоптерот во кој бев на некои ниски маневри. Се додека грчките воени авиони, како што секогаш се случува, не ги спречија силите што го нарушија нашиот воздушен простор. И која беше целта? Да го пресретнат хеликоптерот на премиерот?

Треба да знаат дека овие бесмислени дејствија немаат никаква смисла. Џабе си трошат керозин и бензин, е пораката што сакам да ја пратам, прво затоа што ние ќе бидеме секогаш тука за да го одбраниме нашиот национален интегритет и второ затоа што грчкиот премиер ќе се најде и на најизолираниот остров од нашата држава, па дури и да биде потребно до таму да стигне со пливање, рече Ципрас во неговото обраќање од островот.

Грчкиот премиер нагласи дека Грција секогаш е за мир, дијалог и соработка и испрати порака до Турција дека само овие работи имаат перспектива.

– Грција денес е земја на која сите мораат одново да сметаат, не како на сила која напаѓа, туку како на сила на мир и соработка во Источниот Медитеран и на Балканот. Како сила што е за дијалог и разбирање со народите, како енергетски јазол во регионот, како сила на која што може да се смета. И оваа порака сакам да ја испратам до нашите соседи, до нашите соседи кои треба да сфатат дека во Егејското Море перспектива имаат само соработката, разбирањето и заедничкиот развој, порача Ципрас.

МИА/Фото: Ципрас/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Објавени вознемирувачки снимки од моментот на несреќата во Нови Сад

Редакција

Ратко Младиќ осуден на доживотен затвор

Редакција

Емир (38) од Сараево по примерот на принцот Хари, престана да зема џепарлак од родителите

Редакција