еМагазин
Image default
Македонија

И во МВР имало и има укажувачи, вели Спасовски, по потпишувањето на Договор и меморандум за соработка со Антикорупциска комисија

Во МВР имало и има укажувачи и врз основа на тие информации и податоци што ги добиваме се преземаат одредени мерки, изјави за МИА министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, откако претходно денеска потпиша Договор за соработка и размена на податоци во електронска форма и Меморандумот за соработка со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска.

На прашањето дали смета дека со актуелното законско решение доволно се заштитени укажувачите, министерот Спасовски истакна дека законските решенија секогаш се анализираат во рамки на нивната примена.

Смета дека има доволно механизми за заштита, меѓутоа, потенцира Спасовски, тоа не е слово на хартија дадено еднаш засекогаш. Тие механизми, напомена, врз основа на анализи што се прават, можат да бидат променети, може да се подобри тој систем, може да имаме нови механизми што ќе значат поголема заштита.

– Најмногу недостига јавната свест и сите треба да работиме на подигање на јавната свест во овој дел, се со цел укажувачите, па и граѓаните во делот на корупцијата да имаат можност да пријават за секој вид на корупција, истакна министерот Спасовски.

За МИА министерот Спасовски изјави дека денеска практично се финализира работата на двата документа, на што е работено подолго време, што значат меѓусебна соработка меѓу ДКСК и МВР, а во рамки на антикорупциските политики што се дел од антикорупциските политики на Владата и на институциите.

Спасовски информира дека има три веб сервиси, од кои ќе може МВР и Антикорупциска да разменуваат податоци и информации и ќе бидат достапни.

– Едниот веб сервис е лични податоци на граѓаните. Второ е податоци за движниот имот на граѓаните и податоци за оружјето во државата. Тоа е систем што ќе овозможи електронска размена на податоци и информации, во смисла на обработка на предмети, што ќе ги има ДКСК конкретно, појасни за МИА, министерот Спасовски.

Во однос на Меморандумот за соработка, нагласи тој, ќе се остварат заедничките цели, а тоа ќе значи, подвлече, електронски систем преку кој ќе се гарантира заштита на укажувачите.

– Брза, ефикасна размена на податоци и информации во овој дел, во кој укажувачите ќе можат практично да дадат одредени податоци и информации, во функција на антикорупциските политики, рече Спасовски.

За тоа како ја оценува работата на Антикорупциска, Спасовски одговори дека работата на ДКСК не ја оценува тој, туку треба да ја оцени органот што ја формира. ДКСК доставуваат извештаи во однос на својата работа и врз основа на тие извештаи ќе може органот што е надлежен да ја цени.

Инаку, со договорот за размена на податоци, МВР ќе и овозможи на ДКСК да добива податоците во електронска форма преку веб сервиси и да ги обработува истите во однапред определена структуирана електронска форма, во реално време во најкраток можен рок.

Електронската размена на податоците ќе се реализира преку Националната платформа за интероперабилност, на која и двете институции се поврзани и во согласност со прописите од областа на електронското управување и електронските услуги.

За таа цел, појаснуваат од МВР, од страна на Одделот за информатика и телекомуникации при Министерството за внатрешни работи се изработени следните три веб сервиси: Сервис за преземање и проверка на лични податоци од Регистарот за лични документи, Сервис за преземање и проверка на податоци од евиденцијата за подвижен имот -моторни возила регистрирани во земјата, сопственост на физички и на правни лица, Сервис за преземање и проверка на податоци од регистрите за оружје кои се водат во МВР.

– Потпишувањето на договорот претставува чекор напред во дигитализација на процесите и дигиталната трансформација, а истовремено ќе овозможи зголемување на ефикасноста и ефективноста на ДКСК во спроведување на нејзините законските надлежности, велат од МВР.

ДКСК го иницира потпишувањето на Меморандумот, а со цел овозможување за користење на софтверското решение за унапредување на процесот на заштита на укажувачите од страна на овластено лице за прием на пријави за укажувачи во МВР.

Со користењето на софтверското решение ќе се овозможи мрежна поврзаност на лицата овластени за прием на пријави од укажувачи од сите органи на државна управа и институции, а токму ова софтверското решение претставува дополнителна ефективна алатка во борбата против корупцијата.

На чинот на потпишување, и од МВР и од ДКСК е искажано задоволството од унапредувањето на соработката помеѓу двете институции, која и досега беше на високо ниво.

Беше заклучено дека со потпишувањето на горенаведените акти и користењето на дигиталните алатки ќе се овозможи интензивирање на соработката во насока на остварување на заедничка цел борба против корупцијата и владеење на правото.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Митрополит Тимотеј: Го очекуваме доаѓањето на вселенскиот патријарх и доделувањето на томосот

Редакција

Корона вирусот “влезе“ и во Лекарската комора, позитивни две лица

Редакција

Во Собрание поднесена иницијативата за гласање на недоверба на Владата

Редакција