Имаме договор со Република Северна Македонија од 2017 година, но тие не го почитуваат, и се обидуваат да го заобиколат со различни планови.
Ова за бугарското национално радио го изјави проф. Кирил Топалов, член на Мешовитата комисија меѓу Бугарија и Северна Македонија за историските прашања меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Софија.
Коментарот на Топалов беше по повод Акцискиот план што го објави премиерот Зоран Заев за намалување на тензиите со Бугарија. Тој коментира дека „Бугарија отсекогаш гледала на Северна Македонија како на крвни сродници, а тие нè гледаат со жестоко непријателство“.
-Бугарија го признава идентитетот на Македонците, кој датира од 1944 година, но поентата е дека тие ја фалсификуваат историјата, рече Топалов.
Според него, доколку Македонците сакаат корисно и значајно да разговараат со Бугарите, тие прво треба да го проценат лажниот поглед на нивната историја.
-Може ли дел од бугарското население, кое е дел од бегалци од Македонија, да прифати дека нивните прадедовци и дедовци биле небугари и зборувале небугарски јазик. Тоа е апсурдно! Од нив се бара само најмалата работа – да ги признаат нивните историски корени, па оттаму нивниот пат е отворен за секаде, вели бугарскиот историчар.
Тој оценува дека непризнавањето на историските корени дава основа за злобна антибугарска пропаганда во Република Северна Македонија, која ги нарекува Бугарите фашисти, Татари, итн.
Проф. Кирил Топалов предвидува дека без оглед која партија ќе победи на парламентарните избори во април, курсот на Бугарија кон Република Северна Македонија нема да се промени: ќе заземе друга линија.
-Македонците не треба да имаат големи надежи дека по изборите Бојко Борисов или кој било друг што ќе победи ќе заземе друга линија. Никој нема да заземе друга линија! Никој нема да ја смени линијата на национално-историско достоинство. Ова е политичко самоубиство и во Скопје треба да го знаат тоа, вели Топалов.
МИА