еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Илинден со маски

Денот на Републиката 2 Август, на кој се празнуваат двата историски Илиндена, 117 години од Илинденското востание и 76 години од Првото заседание на АСНОМ, поради епидемијата ќе се чествуваат без масовни собири и културно-уметнички програми и со здравствени протоколи за заштита од Ковид-19 кои ги утврди Комисијата за заразни болести и ги усвои Владата.

„Победа за сите“ е заедничкиот лајтмотив на свеченостите кои денеска ќе се одржуваат во Крушево, Пелинце и во Скопје.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Питу Гули на Мечкин Камен загинал на 38-годишна возраст: Кој е приватно еден од најголемите македонски револуционери

На чествувањето во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце ќе се обрати претседателот на државата Стево Пендаровски, а на чествувањето во Скопје кое ќе биде на Скопската тврдина, ќе се обрати премиерот Оливер Спасовски.

Одбележувањето на Илинден во Крушево на Мечкин Камен е под покровителство на Собранието и делегацијата ќе ја предводи потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски.

Дел од официјалната програма и годинава се содржините од Смилево со кои се чествуваат 117 години од Илинденското востание и 78 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“.

Свеченоста на тврдината Кале во Скопје ќе почне со положување цвеќе на споменикот на слободата – „Сила, слава и победа“ и со исполнување на државната химна. Претседателот на Владата Спасовски ќе се обрати на настанот и ќе ја предводи владината делегација во која ќе бидат и вицепремиерот Бујар Османи и министерката за финансии Нина Ангеловска.

На свеченоста на Кале ќе претходи положување цвеќе и на спомениците на АСНОМ и на Никола Карев и Методија Андонов-Ченто во центарот на Скопје, каде што владината делегација ќе  ја предводи министерот за локална самоуправа Горан Милевски, во придружба на министерот без ресор Музафер Бајрам и заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули.

Во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце, каде што ќе се обрати претседателот Пендаровски, делегацијата на Владата ќе ја предводи вицепремиерката Мила Царовска, заедно со министрите за земјоделство и за информатичко општество, Трајан Димковски и Дамјан Манчевски, и министерската без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска.

Во Крушево, пак, каде што настаните ќе се одбележат под покровителство на републичкото Собрание, владината делегација ќе ја претставуваат вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

За настаните во Смилево, според најавата, владината делегација е составена од министрите без ресор Едмонд Адеми и Елвир Хасан и заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески.

На спомен-обележјата цвеќе ќе положуват и делегации од други државни институции, од Армијата и Сојузот на борците, претставници на политички партии, здруженија, установи и организации.

Оваа година чествувањата се според протоколи и во услови на пандемијата со Ковид-19.

Содржините на програмите се сведени на минимум, само со положување венци цвеќе на спомен-обележјата, со обраќања и без традиционалната културно-уметничка програма и народните собири на отворено, како и без групирања во угостителски објекти.

Во програмите нема да учествуваат хорови, играорни групи, дувачки оркестри, а делегациите ќе положуваат цвеќе според протоколи за растојание – просторно од два метра и временско од две минути.

Просторот каде што ќе се одржуваат настаните ќе биде заграден и со столчиња поставени на два метра растојание за да ја има потребната дистанца меѓу посетителите. Нивниот број ќе биде ограничен најмногу до 50 проценти од капацитетот на оградениот простор. Ќе има јасни насоки за влез, движење и излез на посетителите, а редарска служба ќе го контролира спроведувањето на мерките и ќе спречува неовластено влегување во просторот.

Сите учесници и посетители на настаните, гости, членови на тимовите задолжени за организација, како и гардистите, задолжително треба да носат заштитни маски. Дозери за дезинфекција на рацете ќе има при влез и излез и на неколку места во оградениот простор.

Забрането ќе биде служење и поставување штандови со храна и пијалаци, а служење вода ќе биде дозволено само ако е оригинално спакувана. Во зависност од бројот на учесници на настанот, протоколите предвидуваат и мобилни хемиски тоалети, како и медицински екипи со санитетско возило.

Целата програма на одбележувањето на празникот од Пелинце, Крушево и од Скопје од 10 часот ќе се пренесува на Македонската радио-телевизија.

Чествувањето на 117-годишнината од Илинденското востание, на Гумење во Крушево почна вчера со импровизираниот напад на градот и испукување од крушевското топче и со свечено кревање на знамето на Крушевската република.

Во 1903 година почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската република и станал нејзин претседател.

Слободната Република траела десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ кај Куманово, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија.

Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто. Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Не е евтино да се лекувате од Ковид-19, поисплатливо Ви е да се чувате

Редакција

Собранието доби „заштитена соба“ за поголем надзор над безбедносните служби

Редакција

Трогателно сведоштво и апел на Македонка од Милано: „Не го потценувајте корона вирусот, тука веќе нема место во болниците“

Редакција