Серолошката анализа покажа дека 86 отсто од вакцинираните и 75 отсто од невакцинираните кои прележале Ковид-19, имаат имунитет. Сите тие држави кои ги ослободија мерките имаа многу поголеми показатели.
Оптимист сум за општата состојба кај нас, меѓутоа се уште не сум оптимист за мерките. Ова денеска го истакна министерот за здравство Беким Сали, кој рече дека за жал ние се уште сме на граница меѓу жолта и зелена зона, но повеќе одиме кон жолтата зона.
Министерот посочи дека веќе не е показател само бројот на новоинфицирани, многу е значајно на 100.000 жители колку се новоинфицирани, колку се хоспитализирани и колку се со последици од тоа.
– И индикаторот за хоспитализација и за новоинфицирани е позитивен. Се надевам дека оваа недела ќе испаднеме во зелена зона, меѓутоа дали ние сме подготвени да ги ослободиме мерките не сум сигурен и ќе треба да видиме што ќе одлучиме во среда на состанокот на Комисијата.
Државите кои ни се репер индикаторите биле пониски од нашите, а и се вакцинирани над 80 отсто, така што и природната и вештачката имунизираност кај народот не е гарант дека нема да се врати претходната состојба, рече Сали, одговарајќи на новинарски прашања.
Посакувам, истакна министерот, повеќе од вас да бидам првиот што ќе најави дека од утре сме без маски и сигурно ќе бидам запамтен по таа изјава, меѓутоа состојбата не е се уште толку позитивна за да кажеме од денеска сме слободни.
– На една страна се желбите, а од друга страна се реалните бројки кои ги добиваме. Како Министерство здравство, Институт за јавно здравје и Комисијата за заразни болести ја следиме состојбата освен во државата, во регионот и пошироко. Имаме четири држави кои ни се репер како први држави кои ослободија мерки.
Денес таму забележуваме бумеранг враќање на првобитната состојба. Сите ние се согласуваме дека не би ризикувале да направиме таков потег со цел само да олесниме, а повторно да се вратиме на претходното. Оваа недела на состанок на Комисијата за заразни болести закажан за среда ќе видиме каква е епидемиолошка состојба во државата, рече Сали.
МИА/Фото: Унсплаш