еМагазин
Image default
Бизнис

Индикатори има, но не и најави за сериозен проблем во снабдувањето со гас за компаниите, вели Деспотовски

Индикатори има, но нема некоја најава дека може да се случи сериозен проблем во делот на снабдувањето со гас, рече денеска директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

– Верувам дека компаниите веќе имаат, за дел и знам дека имаат разработено резервни планови „што доколку“, бидејќи веќе поминаа девет месеци откако почна целата криза во сегментот на снабдување со енергија, вклучително и со гасот, зборувам заради цените, не заради ситуацијата во Украина, така што, ајде да почекаме.

Секако, внимателно ја следиме ситуацијата, но моментно нема некаква најава дека може да се случи сериозен проблем во овој сегмент. Зборуваме за компаниите во скопските зони кои се снабдуваат со природен гас.

За останатите компании сега работиме на инвестиции, што ќе им овозможат пристап до природен гас, така што за тие компании ваков тип ризици во моментов не постојат, истакна Деспотовски, одговорајќи на новинарски прашања.

Полугодишните резултати, дополни тој, укажуваат дека фирмите релативно добро се справуваат со притисоците на пазарот.

– Податокот за нето износот говори дека не сме многу различни од нивоата што сме ги имале во изминатите години. Тоа значи дека цените, извозот и увозот релативно добро се држат, рече Деспотовски, кој на прес-конференција ги соопшти резултатите од работењето во зоните за првата половина од годинава.

– Во првите шест месеци обемот на инвестиции е околу 240 милиони евра, отворени се нешто под 3.000 нови работни места, а реализирани се и 2,2 милиона евра вкупен извоз, 18 милиони евра приход за државата од персонален данок, 91 милион евра од придонеси и 18 милиони евра од ДДВ, информира Деспотовски на прес-конференција и најави дека до крајот на годината се очекуваат инвестиции „тешки“ над 400 милиони евра кои ќе отворат преку 5.000 работни места.

Деспотовски рече и дека се во завршна фаза разговорите за две нови инвестиции од автомобилската индустрија за што детали се очекува да бидат соопштени до крајот на летото, а во почетокот на следната недела доаѓа делегација од американско-тајванската компанија со чии претставници веќе се направени подготвителни разговори. Се работи за инвестиција вредна четврт милијарда евра.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Интернешнел Хотелс во загуба

Редакција

На Саемот за мебел ќе се претстават над 40 домашни и меѓународни брендови

Редакција

МВР склучи договор со Пнеуматик груп вреден 1,3 милион евра

Редакција