еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Инфлацијата ќе достигне 3,1% и ќе се намали на 2,2 следната година, предвидуваат од ММФ

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во своите проекции презентирани во Светскиот економски преглед, очекува дека инфлацијата во Македонија во просек ќе достигне ниво од 3,1 проценти во 2021 година и ќе се намали на околу 2,2 проценти во 2022 година, информираат од Народна банка (НБ).

Како што беше нагласено на средбата на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска со тимот од Одделот за Европа во ММФ, предводен од шефицата на Мисијата, Берглјот Баркбу, тековните движења на цените во Македонија се во согласност со глобалните случувања.

„Најголемиот двигател на неодамнешното зголемување на инфлацијата се глобалните цени на енергенсите, пред сѐ на нафтата и гасот. Притоа, нарушувањата на глобалните синџири на снабдување и „тесните грла“ вршат притисок врз цените на трајните добра, особено по брзото закрепнување на побарувачката.

Ефектот од повисоките цени на енергенсите и неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката се очекува да се исцрпи во 2022 година. Дополнително, ниту еден од овие фактори нема да реагира на промените во монетарната политика.

Сепак, централните банки, вклучително и Народната банка, ќе треба внимателно да го следат развојот на настаните за да осигураат дека евентуални повисоки очекувања за инфлацијата нема да предизвикаат продолжен раст на платите,“ било истакнато на средбата, информираат од НБ.

Ангеловска-Бежоска истакнала дека со олабавената монетарна политика, како и со сите одлуки и мерки коишто ги донесе од избувнувањето на корона-кризата наваму, Народната банка дава значаен придонес за поддршка на финансиската стабилност и на македонската економија во целина.

„Поставеноста на монетарната политика засега е соодветна. Сепак, неопходно е внимателно следење на инфлациските движења, а особено инфлациските очекувања и можните пренесени ефекти во контекст на растот на платите,“ изјавила Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката на состанокот, посочила дека Народната банка будно ги следи движењата во македонската економија:

“Бидејќи неизвесноста и натаму е присутна, Народната банка е подготвена соодветно одговори на случувањата, во рамките на своите надлежности и своите одлуки да ги комуницира на транспарентен начин“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Потребата од здравствен персонал во Словенија отвора можности за вработување на кадри од регионот и од Македонија

Редакција

Македонскиот генијалец Јан Стојановски го освои првиот златен медал за Македонија на Европската олимпијада по физика

Редакција

Најмногу питачи во Скопје и Прилеп: Евидентирани 337 деца на улица

Редакција