еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Инфлацијата во првите два месеци од годината е 7,1%, велат од Народна банка

Во првите два месеца од 2022 година е остварена просечна годишна стапка на инфлација од 7,1 отсто, информираат од Народна банка.

„Забрзувањето на инфлацијата е главно одраз на растот на светските цени на примарните производи (храна и енергија), но и општо на увозните цени. Ова доаѓа до израз особено во економиите коишто зависат од увоз, односно каде што значителен дел од потрошувачката е увезен, како што е случајот и со нашата економија, како една од трговски најотворените економии во регионот.

Најновите проекции на ЕЦБ за инфлацијата во ЕУ, како наш најзначаен увозен партнер, како и нагорните ревизии на светските цени на енергентите и на храната упатуваат на повисока инфлација во однос на проектираната според есенските проекции и кај нас оваа година, а потоа постепено намалување наредната година.

Исто така, се следат и домашните фактори, особено состојбите на пазарот на труд и нивното можно влијание во претстојниот период,“ велат од Народна банка.

Неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со развојот и справувањето со пандемијата и актуелните геополитички тензии.

„Народната банка, внимателно ги следи сите промени и доколку растот на цените е од продолжен карактер и ако се забележат поизразени притисоци од побарувачката и позначително влијание врз инфлациските очекувања, таа е подготвена за соодветна реакција со сите инструменти со кои располага,“ додаваат од Народна банка.

Порачуваат дека нивото на девизните резерви и анализата на показателите за нивната соодветност покажува дека тие и понатаму се во сигурната зона.

„Неизвесниот амбиент, поради појавата на новите надворешни шокови, но и неоснованите шпекулации во јавноста околу стабилноста на девизниот курс имаат неповолни влијанија врз побарувачката за девизи во економијата.

Стабилноста на девизниот курс е загарантирана и не треба да се доведува во прашање. Во овој контекст, на седницата на Комитетот беа разгледани промените во валутната структура на штедењето, како и однесувањето на субјектите на девизниот и на менувачкиот пазар.

Притоа, беше заклучено дека одредени целни мерки, како што е промената во задолжителната резерва, може да се употребат како реакција на ваквите тенденции,“ додаваат од Народна банка.

Во однос на движењата во реалната економија, во четвртиот квартал од 2021 година реалниот бруто-домашен производ (БДП), како што истакнуваат, бележи раст од 2,3 отсто на годишна основа и е поумерен во однос на очекувањата според октомвриската проекција.

„Со овие остварувања продолжи натамошниот раст на домашната економија, но побавно, во услови на ширење на петтиот бран од пандемијата поврзан со сојот „омикрон“ на вирусот Ковид-19, нарушувањата на глобалните синџири на снабдување и појавата на првите ефекти од нарушувањата на пазарот на енергија.

Гледано за целата 2021 година, економијата бележи реален раст од 4 отсто, што е во рамките на очекувањата од октомвриската проекција на Народната банка (3,9 проценти).

Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2022 година се делумни и недоволни за согледување на состојбите во целина, а оцената е дополнително отежната и поради кризата во Украина.

Податоците за јануари покажуваат натамошен реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, како и мал раст на индустриското производство на годишна основа, по падот во претходниот квартал,“ се додава во соопштението.

Каматната стапка за сега останува непроменета.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Лажни дојави за бомби во 20 училишта во Скопје

Редакција

Убава вест: Оздравени 214 заболени од Ковид-19, најмногу во Скопје, Куманово, Тетово и Гостивар

Редакција

„Тиквеш“ ги претстави своите модерни практики пред учесниците на регионалната Винска летна школа

Редакција