На „Инвеститорскиот ден“ што се одржа денеска на Македонската берза се тргуваше со 22 различни акции што е најмногу во еден ден оваа година. Се склучија вкупно 242 трансакции, што претставува втор најголем број склучени трансакции во еден ден на тргување во 2022 година (на 5 мај имало само 5 трансакции повеќе, односно 247). Просечниот дневен број на трансакции во 2022 година е 76.
Од Берзата информираа дека вкупниот промет од тргување во БЕСТ системот со акции надмина 516 илјади евра и изнесува околу 32 милиони денари, што е 49 проценти повеќе во споредба со просечниот дневен промет во БЕСТ во 2022 година.
Дополнително, во БЕСТ системот на Берзата се внесени вкупно 389 налози за тргување, што повторно претставува втор најголем број на внесени налози во берзанскиот систем за тргување во текот на оваа година.
-Денеска постигнатиот број на трансакции и внесени налози за тргување во БЕСТ системот се најдобри резултати во досегашниот тек на второто полугодие на 2022 година, истакнуваат од Берзата, оценувајќи го како успешен инвеститорскиот ден што се одржува веќе трета година.
Во тек на „Инвеститорскиот ден“ сите домашни физички лица имаа можност да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без да ги платат провизиите кон Берзата, Централниот депозитар на хартии од вредност и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи), во износ на остварен промет до 10.000 евра.
Иницијативата „Инвеститорскиот ден“ првпат оваа година ја прифатија и во неа активно се вклучија сите десет членки на Берзата (Еурохаус, Илирика Инвестментс, Иново Брокер, Инвестброкер, Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка, Фершпед брокер и Шпаркасе Банка Скопје) и Централниот депозитар за хартии од вредност, а доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност.
Фото: Unsplash