еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

ИРЛ открива пропусти на Обвинителството за истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово, од таму велат дека тоа е манипулација

Документарец на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) насловен како „Убиство во Тетово“ открива пропусти од страна на Јавното обвинителство во истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој изгореа 14 лица.

Од ИРЛ, повикувајќи се на документи, тврдат дека Обвинителството имало јасна слика за причините поради коишто се случил пожарот и велат дека имало пропусти, непотребно одолговлекување и саботирање на истрагата.

Истражувањето на ИРЛ утврдува и голем број грешки во дизајнот на проектот од легален и технички аспект, голем број прекршувања на законите и оперативни недостатоци, посочуваат од таму.

Во документарецот меѓудругото се вели и дека модуларните болници се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за противпожарна заштита, без надзор на изградбата и низа други законски пропусти.

Пет од болниците ги изградила валандовската фирма „ЈБТ Ари и Том“, а останатите 12, вклучувајќи ја и тетовската, ги изградила „Брако“, посочуваат од ИРЛ.

Целата сторија на ИРЛ ОВДЕ.

Реакции на Обвинителството и Министерството за здравство

За документарецот први реагираа од Јавното обвинителство.

Од таму ги отфрлаат наводите во истражувањето кои се однесуваат на текот на истрагата за овој случај. Според Обвинителството истражувањето имало цел да дискредитира и нема никаков реален интерес да се презентира вистината.

„Со очигледна цел за неоснована дискредитација и без никаков реален интерес да се презентира вистината, во емисијата свесно се врши груба манипулација со информации“, посочија од таму.

Најавија и јавна седница на Апелациниот суд, на која ќе бидат изложени сите докази од првостепената постапка која се водеше пред Судот во Тетово.

Целото соопштение на Обвинителството ОВДЕ.

За овој случај истрага отвори Основното јавно обвинителство во Скопје во соработка со тоа во Тетово, што резултираше со судски процес, а предистрага отвори и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Реагираше и Министерството за здравство (МЗ). Од таму ги демантираа наводите на ИРЛ дека од страна на МЗ биле исплатени пари за три модуларни објекти на Здравствен дом Скопје.

– Во овој контекст, МЗ во целост ги демантира и ги отфрла како невистина наводите кои се шират на социјалните мрежи дека од страна на МЗ има исплатено пари за модуларните објекти на ЗД Скопје. Ова е апсолутна невистина.

Министерот Меџити со стапување на функцијата во МЗ се заложи за откочување на сите постапки, процедури и проекти, кои една година беа заглавени од страна на претходното раководство на МЗ.

Една од постапките беше и изградбата на скопските модуларни амбуланти. Една година претходното раководство на МЗ не дало никаков одговор на компанијата која ги правеше објектите, во врска со таа постапка, како би се избегнале судски постапки, за кои отштета би се платила од буџетот, односно од парите на граѓаните, велат од таму.

Информираат и дека МЗ изготвило информација до Влада од каде се чека одговор од неколку институции дали МЗ треба да ги исплати трите направени амбуланти, од планираните 10, со што би се одбегнало плаќање на затезни камати и отштета.

Илустрација: ИРЛ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во велешката болница од Ковид-19 почина жена,150-та жртва од почетокот на пандемијата

Редакција

Едно лице загина, а друго е повредено во сообраќајка на патот Неготино – Кавадарци

Редакција

„Францускиот предлог„ директно на пленарна, која дополнително ќе биде закажана

Редакција