еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Исполнети 90% од капацитетите, Крушево полно со гости за Велигден

Крушево е веќе резервирано за Велигденските празници. Исполнети се околу 90 насто од капацитетите со гости и посетители. Градот располага со околу 1.000 легла, од кои 400 во хотелското и 600 во приватното сместување.

Според Томе Христоски, градоначалник на Крушево, градот е привлечен поради мирот, спокојството што ги нуди и богатата историја.

– Исполнети се речиси 90 насто од капацитетите во Крушево, како во хотелите, така и во сместувањето во индивидуалните куќи. Се бара место повеќе. Има голема раздвиженост во Крушево, се чувствува духот на празникот и на празнувањето. Интензивно работиме на промоција и на привлекување гости во нашето Крушево, вели Христоски.

Интересот на гостите и посетителите го потврдува и Жан Здравески-Шапе, угостител од Крушево.

– Имаме најавено гости, веќе 90 насто се букирани сместувањата. Еве се најавуваат и учесниците во параглајдинг-првенствата и очекуваме голем број посетители, вели Здравески.

Во градот веќе пристигнаа и нашинците и нивните гости од странство. Ангел Николов од Штип, кој живее во Малме, Шведска, го затекнавме со неговите гости во Крушево.

– По потекло сум од Штип. Живеам во Шведска, па донесов мои пријатели од Малме, Шведска да го посетат Крушево како единствен град каде влашкиот е еден од официјалните јазици. Имам влашко потекло, па ги донесов пријателите да го видат и тој дел од Македонија, вели Николов.

– Јас сум од Шведска, а оригинално потекнувам од Германија. Патуваме. Знам за Крушево дека има влашко население. Ова ми е и прва посета на Македонија, вели Јасмин Фергусон.

Крушевчани за Велигден ги почитуваат обичаите и традициите и им посакуваат добредојде на сите гости и посетители.

Велигденските празници се голема најава за пролетната и летна сезона во највисокиот град на Балканот. Крушево годинава е и град на културата.

– Интензивните настани се веќе во следниот месец, во мај. Најавено е темелно чистење на градот. Од 12 до 14 мај е манифестацијата „Крушево треал челинџ“, од 19 до 21 мај е „Крушево трофи“, од 26 мај е 13. традиционален турнир во мал фудбал „Тодор Проески“, кој го организираат заедно Крушево и Нова Градишка од Хрватска.

На 26 мај е и официјалното отворање на манифестацијата „Крушево – град на културата“. Во мај е и Балканското првенство во џудо со 12 земји учеснички и околу 450 натпреварувачи.

Со нив ќе стигнат бројни гости и посетители. Од 16 до 18 јуни е „Гитар фест“, од 30 јуни до 2 јули е манифестацијата „Кога си во Крушево“ (When in Krusevo), од 12 до 21 јули е најголемиот извиднички камп со над 1.500 учесници од Македонија и од странство, потоа е манифестацијата „10 дена Крушевска Република“, од 19 август е „Крушево низ корија“, па ски купот „Тоше Проески“, пливачкиот маратон на Крушевското езеро.

Тука се меѓународните параглајдинг натпревари со Белгиското и Германското првенство, Светското првенство во змејарство и седум меѓународни параглајдинг натпревари, објаснува крушевскиот градоначалник Христоски.

Инаку, иако немаше снег првите три месеци, во Крушево имаше над 15.000 гости и посетители, за 40-тина насто повеќе од лани.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Полни автобуси и авиони: За Велигден најмногу се патува во Грција, Италија, Истанбул, Крф

МИА/Фото: Општина Крушево

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Променливо облачно со температура под просекот и во наредните денови

Редакција

Нови 110 случаи на Ковид-19, оздравени 42, нема починати

Редакција

До сега се потрошени 100 евра: Владата не знае колку пари ќе потроши за кампањата за референдумот за името

Редакција