Резултатите од истражувањето во сферата на интернет-трговијата во 2017 година, спроведено во земјите членки на ЕУ10 и неколку земји коишто не се членки на ЕУ, откриваат дека купувањето преку интернет станува сѐ позастапено, соопшти Народната банка.
Во период од 5 години (2012-2017 година), се забележува значително зголемување на учеството на населението во ЕУ кое купува преку интернет за 13 п.п. и достигнува 57% од населението кое користело интернет во 2017 година.
Слични тенденции се забележуваат и во РМ, каде што процентот на население кое користи и купува преку интернет се зголемува од 5% во 2012 година на 15% во 2017%.
„Сепак, ова ниво е речиси четири пати под просекот на ЕУ, иако 76% од населението во Македонија користело интернет, што е релативно близу до просекот на ЕУ (85%).
Интернет-купувањата забележуваат пораст кај сите возрасни групи. Во 2017 година, возрасната група од 25 до 34 години имала највисок процент на интернет- купувачи во ЕУ (75%), додека во РМ најмногу купувале преку интернет лицата во рамки на возрасната група од 16 до 24 години (29%). Повозрасните лица, а особено оние во возрасната група од 55 до 74 години, купувале многу помалку на интернет, што е особено забележително во РМ каде што нивното учество е минимално (под 5%)“, соопшти НБРМ.
Населението во Македонија купува поретко и троши помалку парични средства на интернет во споредба со земјите од ЕУ. Најголемиот број од купувачите преку интернет во РМ (73%), направиле 1-2 купувања во 2017 година, додека во ЕУ подеднакво учество имаат купувањата во категориите 1-2 пати и 3-5 пати (35%).
Од аспект на видот на стоките и услугите, населението во Македонија најмногу купувало облека и спортска опрема на интернет, додека во ЕУ постои поголема разновидност на стоките и услугите коишто се купувале преку интернет (облека и спортска опрема, патувања и хотелски аранжмани, производи за домаќинство, билети за настани, книги, списанија и весници и сл.).
Населението од Македонија најмногу купувало од интернет-трговци надвор од ЕУ (76% во 2017 година), при што само 30% од населението купувало од интернет-трговци во земјата, што може да укажува на ограничена понуда на производи и услуги од интернет-трговците во земјата.
Во споредба со 2012 година, значително се зголемил процентот на населението во Македонија кое купувало од интернет-трговци надвор од ЕУ, при истовремен пад на купувањата од интернет-трговци во земјата и во ЕУ. Од друга страна, најголемиот процент од населението во ЕУ купувало од интернет- трговци во националната економија (87% во 2017 година).
Сепак, се забележува значителен пораст на населението кое купувало од интернет-трговци во други земји на ЕУ и надвор од ЕУ во споредба со 2012 година.
Според резултатите од истражувањето, најзначајни причини поради коишто луѓето не сакаат да купуваат преку интернет се тоа што сакаат лично да пазарат и да го видат производот, безбедносниот аспект на плаќањето, недостигот на соодветно знаење и вештини за вршење на плаќањата, немањето платежна картичка и недовербата дали купените производи навистина ќе бидат испорачани.
„Оттука, следува дека дигитализацијата на плаќањата изискува и реална неопходност од поактивна едукација на населението, со што би се надминале предрасудите поврзани со интернет-трговијата и би се зголемила довербата во квалитетот, сигурноста и ефикасноста на е-услугите“, велат од НБРМ.