Италија го враќа проширувањето на Европската Унија (ЕУ) на маса во ноември, откако пред неколку дена на Самитот на Унијата не беше донесена одлука за датум за старт на преговорите со Македонија и Албанија, а францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека на некои од земјите кандидати, наместо членство, може да им се понуди стратешко партнерство.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте по завршувањето на Самитот изјави дека тоа што Македонија и Албанија не добија датум е историска грешка и најави дека ќе побара да се поправи истата и повторно да се разговара за датумот за старт на преговори со Македонија и Албанија во ноември.
Конте си го одржа зборот, па се очекува проширувањето да биде тема на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК), што ќе се одржи на 19 ноември.
Сепак тоа што министрите од земјите членки на ЕУ повторно ќе разговараат за проширувањето на ЕУ не значи дека нешто драстично ќе се смени за Македонија. Макрон тешко ќе се премисли, а пред Унијата се бројни предизвици, меѓу кои и промената на методологијата за преговарање за Унија.
Оптимист не е и премиерот Зоран Заев, кој ќе се види со Конте на 29 октомври.
„Сега јас малку ќе закочам со мојата надеж и оптимизам, нели, бев најголемиот оптимист. Ние да си работиме, а тие, дај Боже, побрзо да одлучат да ги отворат поглавјата за нас, односно да ја донесат одлуката за почеток на преговорите. Јас ја поздравувам секоја иницијатива.
Италијанскиот премиер Конте е многу гласен, тој ги дава изјавите. Ме покани. Јас сум во вторник на 29 октомври во 13:30 часот кај него. Ќе се видиме, ќе имаме изјави, ќе имаме заеднички ручек и од таму заминувам на последната вечера на Федерика Могерини со нас премиерите на Западен Балкан.
Конте ме кани токму за таа тема, ми кажуваат дека во ноември треба да се одржи ГАК, кадешто треба да се врати темата на проширувањето, а тоа е добро за мојата земја. Веќе работат и други премиери, да не зборувам од АЛДЕ груп, се вклучени доста премиери.
Работи ЕПП, работат моите социјалисти и социјалдемократите на ова прашање. Но, тоа е дебата којашто треба внатре да ја решат, изјави Заев.во интервју за „360 степени“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Главата горе Македонци: „Шугата“ е кај Макрон и ЕУ, време е сами да си ја средиме државата
Макрон бара инвестиции во Македонија во период кога Сосиете Женерал си заминува од земјава
По изјавите на Макрон: Македонија веќе не треба да се надева на датум за преговори