еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Иванов му кажал на Столтенберг дека НАТО и ЕУ не смеат да бидат алиби за лош договор

Верувам дека вистинското место на Република Македонија е во Европската Унија и НАТО Алијансата. Ќе продолжам да ги поддржувам нашите стратешки цели. Ho, Европската Унија и НАТО во никој случај не смеат да бидат алиби за лош договор, истакна претседателот Ѓорге Иванов на денешната средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, соопшти неговиот кабинет.

Тој потенцирал дека уште во 2008 година Република Македонија ги исполни условите за членство во НАТО и сиве овие години активно придонесувајќи во меѓународните мировни мисии го заслужува членството во НАТО без дополнителни услови.

Македонскиот претседател притоа посочил дека Република Македонија е силно посветена на промовирањето на мирот и стабилноста и придонесува за безбедноста во и надвор од нашиот регион и оти во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО.

Претседателот Иванов истакнал дека сите негови обврски како Врховен командант на вооружените сили во однос на одбраната се завршени и дека АРМ ги исполни поставените задачи и успеа да се покаже како рамноправен партнер со армиите на земјите-членки на НАТО како на обуките, вежбите и проверките, така и во пракса во изведувањето на операциите.

– Во таа насока, претседателот Иванов посочи дека го поддржа процесот на донесувањето на стратегискиот одбранбен преглед согласно препораките на НАТО советодавните тимови и дека новата стратегија, што е исклучиво ориентирана кон зачленувањето во НАТО, е изготовена, се вели во соопштението од кабинетот на македонскиот претседател.

Имајки ги предвид новите реални предизвици со коишто се соочуваат регионот и Европа, додал претседателот Иванов, одржувањето на безбедноста, стабилноста и просперитетот на нашиот регион треба да претставува колективен интерес на сите.

Тема на средбата била актуелната внатреполитичка состојба во Република Македонија, за евроатлантските интеграции на земјата и за напредокот на реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО стандардите.

Првиот човек на Алијансата покрај со Иванов, денеска треба да има средби и со премиерот Зоран Заев, со претседателот на Собранието Талат Џафери, како и  со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и други високи официјални претставници. Столтенберг во Собранието ќе има средба и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

По средбата на премиерот Заев и Столтенберг најавена е прес-конференција.

Покрај останатите активности и средби, генералниот секретар ќе го посети и Стајковци каде што во 2016 година војници и опрема на НАТО беа ангажирани за надминување на последиците од поплавата. Столтенберг ќе ја посети и касарната Илинден  каде што ќе присуствува на показна вежба на припадниците на специјалните сили.

Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Програма и цени на пивото и скарата на Пивофест, кој синоќа почна во Прилеп

Редакција

Пратениците од утре на работа

Редакција

(Видео) Голем јубилеј на Клиника „Жан Митрев“: „Дваесет години воведуваме повисоки стандарди во македонското здравство“

Редакција