Универзитетската клиника за неврологија изготви Водич за справување со невролошки заболувања во услови на Ковид-19, соопшти Министерството за здравство.
Водичот содржи стручни препораки и насоки за следење на одложени имунолошки посредувани компликации, невропсихолошки последици и евентуално одложен развој на невродегенеративни заболувања кај заболените со Ковид-19.
Има и посебни поглавја во однос на невролошките заболувања и Ковид-19, како и генерални препораки за имуносупресивна/имуномодулаторна терапија кај пациенти со невролошки заболувања, како што се пациенти со мултипла склероза, миастенија гравис, невромускулни заболувања и неинфламаторни заболувања на централниот нервен систем.
Препораките се направени врз основа на досегашните искуства и известувања од повеќе медицински центри, стручни асоцијации на невролози и мислења од експерти, а во согласност со иницијативaта на Европската академија за неврологија (EAN).
Како што е наведено во Водичот, се наоѓаме на турбулентен терен со постојани динамични промени кои бараат следење и збогатување на знаењата и токму тоа е основната идеја за изработка на овој краток документ кој треба да биде рамка во која неврологот со своето знаење и искуство ќе направи проценка и ќе донесе одлуки за третман, запазувајќи го индивидуализираниот пристап кон секој пациент.
„Со растечкиот број заболени од КОВИД-19 се објавуваат и сознанија за директно и индиректно инволвирање на нервниот систем. Со оглед на фактот дека ACE-2 (angiotensin converting enzyme-2), рецепторот за SARS CoV-2 е присутен во мозокот, јасно е дека вирусот може да ги инфицира невроните и да предизвика директни и индиректни невролошки компликации.
Од друга страна, пациентите со некои невролошки заболувања и терапијата која ја примаат за третман, спаѓаат во групата лица со зголемен ризик за развој на компликации од Ковид-19.
Сознанијата секојдневно се збогатуваат и менуваат, што значи дека ставот за третман, постапување и процена на ризик кај пациенти со невролошки заболувања во услови на Ковид-19 пандемија не е дефинитивен“, стои во водичот.