еМагазин
Image default
ЖИВОТ

(ВИДЕО) Извршена првата трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител во Македонија

Во текот на минатата недела е извршена првата трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител во Македонија, за која досега пациентите беа упатувани во странство.

„Од денеска, лекувањето на тешки малигни заболувања на крвта се врши по еднакви процедури, како во кој било светски или европски современ центар, таа е веќе редовно достапна за сите пациенти во нашата држава. Со ова нашата држава стана дел од Европскиот регистар, а воедно се овозможува голема заштеда на средства, кои остануваат во здравствениот систем“, истакна министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес конференција во Министерството за здравство.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев посочи дека пациентите нема потреба повеќе да патуваат во странство и да плаќаат огромни финансиски средства за лекување ваков тип на болести.

За операција на коскена срцевина, која е една од најскапите интервенции, досега се одвојувале по 110.000 евра – 120.000 евра, а во некои случаи и до 250.000 евра, во зависност од земјата и видот на самата интервенција.

Д-р Ирина Пановска Ставридис рече дека првпат во Македонија е направена трансплантација на матични клетки од несроден донор кај пациентот Филип Димишковски (22), кој боледуваше од акутна миелобластна леукемија, и кој со ова влезе во историјата на македонската медицина.

„Остваруваме сон на многу генерации хематолози. Покрај 18 години примена на сродна трансплантација, од денеска се врши и несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки. Станува збор за сложена биолошка процедура, со која се лекуваат најтешките заболувања на крвта, а сега се отвора можност покрај домашните, да се лекуваат и странски пациенти на Клиниката за хематологија“, посочи Пановска Ставридис.

Првиот трансплантиран пациент со оваа интервенција, Филип, во видео пораката упатена до јавноста го раскажа своето искуство, со цел неговата приказна да ги охрабри сите останати пациенти кои имаат потреба од ваков вид здравствена услуга.

Видео/фото: Министерство за здравство

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Голема Богородица – 28 август, неработен ден за православните верници

Редакција

Лекарка од Куманово веќе 40 дена има коронавирус, дополнително ѝ плаќа на државата за здравствени услуги

Редакција

Новите лекови на позитивната листа во аптеките ќе бидат достапни од 16. септември

Редакција