еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Народна банка: Kаматната стапка на благајничките записи се намалува за 0,25 п.п., на ниво од 5,8%

На 22. октомври 2024 година се одржала редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која биле разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика, информираат од таму.

На седницата било оценето дека најновите услови во економијата овозможуваат да се продолжи со претпазливо нормализирање на поставеноста на монетарната политика.

-Оттука, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 п.п., на нивото од 5,8%. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети, на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно.

Понудата на благајничките записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

Со промената на каматната стапка на благајничките записи, при непроменети каматни стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена, се задржува внимателниот пристап кон водењето на монетарната политика. Ова се должи на контекстот којшто вклучува ризици поврзани со надворешното окружување, но и со домашните фактори коишто влијаат врз агрегатната побарувачка.

И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, ќе придонесе за ценовна стабилност на среден рок и за задржување на стабилноста на девизниот курс, велат од Народна банка.

Одлуката за монетарната политиката е заснована на оцените за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и на постојаните поволни движења на девизниот пазар.

-Годишната стапка на инфлација во септември изнесува 2,6% (2,2% во август), при умерено забрзување на цените на храната, што е поврзано со поместената сезона на земјоделските производи поради неповолните временски услови и нивното негативно влијание врз приносите.

Сепак, базичната инфлација бележи намалување во однос на претходниот месец и има стабилни движења на годишна основа, а цените кај енергетската компонента бележат натамошен пад.

Со оглед на пониската споредбена основа од 2023 година (поради минатогодишните мерки за привремено ограничување на растот на цените), до крајот на годината е можна определена променливост во годишната стапка на инфлација, но во просек за целата 2024 година се очекува дека инфлацијата ќе биде во рамките на априлскиот циклус проекции, односно 3,5%, велат од таму.

Во анкетите на ЕК за очекувањата на потрошувачите, веќе шест месеци по ред преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Во однос на берзанските цени на примарните производи, најновите прогнози се ревидирани надолу, во согласност со зголемената понуда и намалената побарувачка, што е поврзано со изгледите за економскиот раст, посочуваат од таму.

-Економскиот раст во вториот квартал на 2024 година забрза и изнесува 2,3%, што е речиси идентично со проекциите на Народната банка. Исто така, и растот остварен во првата половина од годината од 1,8% е блиску до нашата проекција од 1,9%.

Високофреквентните податоци за третиот квартал од 2024 година со кои се располага во моментов упатуваат на натамошно забрзување на економскиот раст. Засега, податоците за јули и август, во просек, покажуваат раст на индустриското производство, наспроти падот во претходниот квартал, а умерено забрзување на реалниот годишен раст се забележува кај прометот во вкупната трговија.

Поволни поместувања се забележуваат и во градежниот сектор и угостителството, заклучно со расположливите податоци за јули. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти, велат од Народна банка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бранко Грегановиќ ќе ја води НЛБ Банка Скопје: Што пишува во неговата биографија

Редакција

„Лето“ во Македонија: Температура до 30 степени

Редакција

Клиниката за гинекологија вработува 38 лица, плата до 24.000 денари

Редакција