Болничките легла во двете одделенија, инфективното и хируршкото, се веќе пополнети и во Општата болница со проширена дејност во Дебар се размислува за пренамена и на други одделенија за ковид пациенти, изјави за МИА Баки Алили, директор на болницата.
-Напливот на заразени на кои им е неопходен болнички третман е голем. Болничките кревети во ковид центарот во инфективното одделение и во хруршкото, кое неодамна го пренаменивме за ковид пациент, се пополнети. Поради зголемениот број случаи со потешка форма, размислуваме да пренамениме и некое од другите одделенија, додаде Алили.
Според него моментно хоспитализирани се 38 ковид пациенти, од нив дури 33 се на кислородна поддршка, а амбулантски се лекуваат дневно по најмалку 30 лица.
-Во здравствени установи во Скопје имаме седум наши сограѓани, откако, за жал, денеска еден, жител на Дебар, почина. Тој по дванесет дневен третман во нашата болница вчера беше транспортиран во Скопје, по барање на неговите најблиски.
Голем е бројот на оние кои доаѓаат на прегледи со симптоми на опасниот вирус, посочува тој.
Во општините Дебар и Центар Жупа, кои со здравствена заштита ги покрива дебарската болница, заклучно со вчерашниот ден само овој месец опасниот вирус е дијагностициран кај 342, главно невакцинирани лица, во списокот на закрепнати се внесени вкупно 11, додека, за жал, починале 16 лица, вклучувајќи ја и денешната жртва.
Во меѓувреме непречено се одвива процесот на имунизација против опасниот вирус, вели Алили и нагласува дека денеска се аплицирани 220 вакцини.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во болницата во Штип од Ковид-19 почина една пациентка, на кислородна поддршка се 28 лица
Двајца починати од Ковид-19 во Тетово, сите хоспитализирани на кислородна поддршка
МИА/Фото: МЗ