еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Кој ја зборува вистината: Знаел ли министерот Димитров за „Рекет“ или не?

Сведочењето на бизнисменот Зоран Митровски на последното рочиште за случајот “Рекет“ повторно го врати на маса прашањето дали како и премиерот Зоран Заев, за рекетирање на бизнисмени од страна на првообвинетиот во случајов, Бојан Јовановски – Боки 13, знаел и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Митровски, кој е почесен конзул на Летонија, тврди дека за „рекетирањето“ го извести Алберт Сарканис, поранешен нерезидентен амбасадор на Летонија во Македонија.

Според него Сараканис имал средба со Димитров и му пренел за случувањата. Потоа како што вели од МНР се обидувале да воспостават неофицијални контакти со него.

“Од министерството пробаа да ме контактираат на непосреден начин, а јас одлучив дека нема потреба да разговарам со нив, бидејќи контактот е непосреден“, вели Митровски.

МНР пак преку соопштение изјавата на Митровски, ја нарече „груба лага“.

Во реакцијата стои дека со Сарканис, Димитров имал многу кус, сосем неформален разговор за време на дипломатски коктел, кога тој во земјата бил пред се во друго дипломатско својство на тема која нема допирна точка со аферата „Рекет“, на што, како што велат од МНР, укажува и датумот кога се сретнале – 18 октомври 2018 година, како и неформалниот карактер на разговорот: на стоење, без закажување, со 40-ина луѓе наоколу.

“Амбасадорот, за време на тој неформален разговор точно е дека го спомнал почесниот конзул на Летонија, бизнисменот Зоран Митровски, ама само за да се пожали дека тој во медиумите бил спомнуван како осомничен во отворена истрага. Темата „Рекет” никогаш не е спомната.

Министерот за надворешни работи Димитров сметајќи дека евентуални коментари во таа насока би биле злоупотреба на дипломатскиот и конзуларен статус, само го информирал амбасадорот дека во нашата држава медиумите се слободни и дека Владата не може да влијае во работата на медиумите, ниту за почесни конзули, ниту за министри и така завршува разговорот“, се наведува во соопштението

Подоцна, согласно протоколот, се додава во соопштението, Кабинетот на Димиторв побарал средба со почесниот конзул за да се добијат дополнителни информации, но токму конзулот Митровски немал интерес за официјална средба и никогаш не дошол на состанок, стои во реакцијата од Министерството за надворешни работи.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Помпео од Охрид порача да се чуваме од руско и кинеско влијание

Редакција

Што пишува во биографијата на новите вицегувернерки на Народната банка?

Редакција

Макошпед купи акции во Европа

Редакција