еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Кои се барањата на Бугарија до Македонија за да го тргнат ветото за ЕУ

Бугарија беше принудена, како што е наведено во позицијата на бугарското Министерство за надворешни работи, да ја одложи поддршката за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ на состанокот на Советот за општи работи што се одржа на 22 јуни 2021 година.

Позицијата на Бугарија за европската перспектива на нејзиниот близок сосед, Република Северна Македонија, е конзистентна и јасна. Таа е во согласност со нашето убедување, дека политиката на проширување на ЕУ треба да се заснова на исполнување на Копенхашките критериуми за членство во Унијата и принципот на заслуга.

Позицијата на Бугарија покажува дека таа инсистира на неповратност во целосната и ефективна имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.

Според бугарското МНР, Скопје треба во најбрз можен рок да потврди пред ООН, во согласност со член 11, став 3 од Договорот за соседство, дека краткото и долгото име на земјата се однесуваат само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“, а не на географскиот регион „Северна Македонија“, дел од кој се наоѓа и во рамките на суверените граници на Бугарија.

По испраќањето на оваа вербална белешка, Бугарија веднаш ќе престане да инсистира на единствена употреба само на долгото име „Република Северна Македонија“ во ЕУ и меѓународните организации.

Софија, инсистира на тоа Република Северна Македонија, конечно да ги повлече своите малцински претензии против Бугарија, потврдувајќи дека нема историски, етнички или други основи за барање статус на малцинство за која било група на луѓе, кои не се нејзини државјани, на територијата на Република Бугарија. Ова би било во согласност со клаузулата за немешање во внатрешните работи на Бугарија, утврдена во член 11 став 5 од Договорот од 2017 година.

Република Северна Македонија мора да започне процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани на нејзината територија, поради нивната бугарска самосвест. Овој историски гест од страна на Република Северна Македонија, во пракса би го одразувал заедничкиот европски цивилизациски избор на земјата, се вели во документот.

Република Северна Македонија мора да ја прилагоди со Бугарија содржината на нејзините наставни програми со цел објективно да ја рефлектира нашата заедничка историја, зацртана како централен елемент на Договорот за соседство, како и со цел да се елиминира образовната содржина што предизвикува омраза кон Бугарија (член 11 став 6).

Документот, исто така, предлага идентификување заедно со Бугарија и отстранување на знаци и натписи на територијата на Република Северна Македонија, кои шират омраза кон Бугарија и Бугарите.

Министерот за надворешни работи на Бугарија Светлан Стоев, денеска испратил писмо до својот колега министерот Бујар Османи, во кое изразува очекување за спроведување на преземените обврски од Република Северна Македонија, како и подготвеност на бугарската страна да најде трајни и одржливи решенија. Без оглед на предизвиците, Република Бугарија и Република Северна Македонија треба да развиваат целосни, искрени, предвидливи и засновани на Договорот за соседство, односи во сите области.

Нашата земја обезбеди безброј докази за својата подготвеност за ова. Бугарската страна изразува подготвеност за конструктивен дијалог и за време на претстојното словенечко претседателство, како и за време на следните претседателства на Советот на ЕУ, со цел да се постигнат реални и одржливи резултати во процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, што несомнено би било од полза за целиот регион и неговата европска иднина.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бугарски весник се мајтапи со премиерот: Карикатура на Заев и „морковот и стапот на ЕУ“

ЕУ продолжува да дозволува Бугарија да си игра мајтап и со неа и со Македонија и со регионот

МИА/Фото: Фејсбук/МНР на Бугарија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во избор на ЕСПН, македонскиот дрес најубав на Европското првенство во фудбал

Редакција

Грипот се “врати“

Редакција

Детален преглед; Акции од Македонската берза со најголем пораст и пад на вредноста во март

Редакција