Во периодот од 01.01-31.12.2020 година Комерцијална банката од своето работење оствари нето добивка за финансиската година во износ од 1,9 милијарди денари (31 милиони евра) наспроти остварената нето добивка за претходната година во износ од 1,8 милијарди денари, така што истата е зголемена за 5,8%, покажува неревидираниот неконсолидиран биланс на успех на банката објавен преку Македонската берза
„Планираната бруто-добивка за 2020 година е остварена со 105,4%. Остварената добивка пред исправка на вредноста, е за 33,4% поголема во однос на истиот период минатата година.
Значителното зголемување на добивката пред исправка на вредноста главно произлегува од зголемувањето на останатите приходи, односно приходите од капитална добивка од продажба на преземен имот по основ на ненаплатени побарувања од клиентите Прототип ДООЕЛ Скопје, Технометал Вардар АД Скопје и ФКН Неготино.
Повисокиот износ на добивка е остварен во услови на позначителен пораст на дополнителната исправка на вредноста на финансиските средства заради влошување на квалитетот на корпоративното кредитно портфолио, како резултат на кризата предизвикана од Ковид-19.
Имено, исправката на вредноста на финансиските средства и посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето основа достигна 1,3 милијарди денари на 31.12.2020 година, наспроти 588,5 милиони денари во 2019 година.
При што оценуваме дека банката изврши определена антиципација на очекуваното влошување на кредитното портфолио и за 2021 година, особено во секторите на угостителството и туризмот.
Позитивниот резултат од работењето, банката го оствари во услови на прогласена вонредна состојба во државата поради пандемијата со ковид-19 во периодот март-јули, и прогласена кризна состојба потоа.
Во изминатиот период Банката преземаше интензивни активности и во целост го прилагоди своето работење со донесените препораки и уредби од Владата заради заштита на здравјето на вработените и клиентите, како и со измените на регулативата поврзана со управувањето со кредитниот ризик и останатите одлуки донесени од страна на Народната банка, кои беа креирани пред се’ за да ги заштитат клиентите на банките кои се директно погодени од кризата.
Исто така, со цел да го заштити здравјето на вработените и на клиентите, во банката беа преземени бројни организациско-технички активности, кои обезбедија континуитет на деловните операции и овозможија достапност на услугите на безбеден начин.
И покрај тоа што е укината вонредната состојба и престана важноста на голем број од рестриктивните мерки, неповолната состојба со Ковид-19 продолжува и во следниот период, поради што од страна на Владата е донесена Одлука за продолжување на рокот на постоење кризна состојба во државата до 30.06.2021 година“, велат од Банката.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Продаден блок акции од Комерцијална банка за 382.000 евра