Со цел да го олесни финансискиот товар со кој клиентите се соочуваат или би можеле да се соочат како резултат на корона-кризата, Комерцијална банка АД Скопје објави jавна понуда за промена на договорните услови за кредитните производи на физички лица, информираат од Банката.
Комерцијална банка одобрува грејс период од шест месеци за кредитните производи на физички лица, пролонгирање на крајниот рок на отплата на кредитите за 6 месеци, како и автоматско продолжување на рокот за користење на дозволеното пречекорување до 30.09.2020 година (без намалување на одобрениот износ и без оглед дали на сметката стасува редовен месечен прилив).
Јавната понуда се однесува на сите физички лица-клиенти на банката кои имаат кредити, кредитни картички и/или дозволени пречекорувања, кои на 29.02.2020 година се класифицирани во категорија на ризик А, Б или В и немаат статус на сомнителни и спорни побарувања (нефункционални), односно во своето досегашно работење со Банката не доцнеле подолго од 90 дена при отплата на обврските.
„Сите физички лица на кои се однесува Понудата, ги замолуваме детално да ја разгледаат Понуда на следниот линк и да одлучат дали истата ја прифаќаат или одбиваат: www.kb.com.mk.
До банката треба да се обратат електронски или писмено (на начин детално опишан во Понудата) исклучиво физичките лица кои ја одбиваат понудата, најдоцна до 09.04.2020 година до 16.00 часот. За лицата кои ја прифаќаат понудата истата автоматски ќе се имплементира, без потреба од контакт со Банката.
Бидејќи оваа криза носи негативни влијанија кои ќе ги погодат сите, Комерцијална банка ќе овозможи олеснувања и за оние клиенти-физички лица кои и пред почетокот на кризата имале проблеми со отплатата на обврските, односно лицата кои на 29.02.2020 година биле класифицирани во категорија на ризик В (нефункционални), Г и Д. Моделот на олеснувања за оваа група на клиенти сѐ уште се изработува, а јавноста наскоро ќе биде известена и за тие мерки“, информираат од банката.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Комерцијална банка го одложува Собранието на акционери додека не заврши вонредната состојба
Комерцијална банка ќе исплати дивиденда спротивно на препораките на Народната банка