Компаниите што ги злоупотребија државните пари што им беа дадени како финансиска поддршка од Владата, нема да можат да аплицираат за антикризните мерки, категорични се министерот за финансии Фатмир Бесими и премиерот Зоран Заев.
На денешната прес-конференција на која беше презентиран петтиот пакет економски мерки, Бесими и Заев испратија порака дека овие компании ќе одговараат согласно законите.
– Имаме сериозни и чесни компании кои инвестираат, вработуваат придонесуваат и ја ценат сопствената држава, но имаме и такви кои ги злоупотребуваат државните средства и за нив следуваат санкции. Покренати се сите законски постапки.
Во таа насока, државата секогаш ќе стои на страната на оние кои работат чесно согласно законот, вложуваат во нови инвестиции и развој, а силно ќе се бориме против злоупотреби и сивата економија, порача премиерот Заев.
Во одговор на новинарско прашање, и министерот за финансии Бесими истакна дека компаниите кои не ги исполниле обврските, нема да имаат право да аплицираат за мерките и оти согласно законите тие ќе одговараат за непостапување во користењето на народните пари.
МИА